23.06.2022.

Со помош на швајцарската влада почнаа големите инфраструктурни зафати за подобрување на отпорноста од поплави во Полог

Со чистење и санација на речното корито на Боговињска река во општина Боговиње почнаа големите инфраструктурни зафати за контрола и отпорност кон поплавите во полошкиот регион со цел намалување на последиците од идни катастрофи. Оваа активност е дел од Програмата за подобрување на отпорноста кон поплави во Полог, финансирана од Швајцарската влада и предвидува трансформациска промена на системот за заштита од поплави преку развој на интегриран и софистициран пристап во справувањето со поплавите и друг вид катастрофи во Полог.  

Заедно со унапредување на системот за подготвеност и рано предупредување, во рамките на проектот за прв пат во земјата е создадена мрежа од девет општини, Тетово, Гостивар, Теарце, Боговиње, Врапчиште, Желино, Јегуновце, Маврово-Ростуше и Брвеница кои заеднички работат на изработка на планови за заштита од поплави, меѓуопштинска координација и унапредување на инфраструктурата со цел подобрување на безбедноста, заштита на животите и имотите во случај на идни поплави.

„Северна Македонија, слично како и Швајцарија е земја која е изложена на ризици од катастрофи, особено на ризици од поплави. Полошкиот регион, како најизложен во земјата, во минатото се соочи со трагични поплави кои во 2015 година однесоа човечки животи, уништија патна инфраструктура и куќи и имоти“, изјави амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман. „Овие трагични настани ги покажаа слабостите на системот за управување со поплави, неефикасната координација меѓу институциите, несоодветната легислатива и слабиот систем на рано предупредување. За подобрување на овие состојби во 2017 година го почнавме овој проект, со цел да развиеме интегриран систем за управување со поплавите и други катастрофи“, додаде Улман.

„Не можеме да го спречиме доаѓањето на поплавите,  но можеме да се подготвиме што подобро за да ги минимизираме штетите. Со помош на донаторите, Министерството за животна средина и Владата прават максимални заложби да им помогнат на општините да ги зајакнат капацитетите за заштита од поплави.Идната недела ќе почнат и градежните работи за спроведување на мерки за структурна и биоинженерска заштита од поплави во село Шипковица во општина Тетово, за кои Министерството за животна средина и просторно планирање обезбедува кофинансирање од 49% од вкупниот износ “, изјави министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

„Задоволство ми е да видам како се одвива реконструкцијата на речното корито на Боговињска река во должина од 1,2 километри. Оваа комплексна операција ќе заврши кон крајот на годината и ќе ја подобри отпорноста на заедницата кон поплави, а на жителите на Боговиње ќе донесе одржлив општествен и економски раст. Заедно со донаторите и партнерите работиме на интегриран пристап за пдообрување на отпорноста на Полошкиот регион кон поплави и други катастрофи, помагаме во изработка на планови и работиме на инфраструктурни проекти во деветте општини кои претрпеа сериозни штети во поплавите од минатите години“, изјави Армен Григорјан, Постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации.

„Ова е значаен ден за општина Боговиње. Санацијата на реката која минува низ центарот на општината за жителите ќе донесе поголема безбедност, заштита на животите и имотите во случај на поплави, но и нормално секојдневно функционирање како одење на работа, на училиште, на лекар или извршување на земјоделски активности“, рече градоначалникот на општина Боговиње, Бесник Емшиу.

Целта на Програмата вредна 12 милиони швајцарски франци, финансирана од Швајцарската влада, а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, е воведување на систем за интегрирано управување со поплавите и други ризици (свлечишта, одрони, порои) согласно современите светски искуства.