06.05.2023.

Прва интернет платформа со информации за здравствени услуги и за редовна имунизација на децата - достапни на едно место

Министерството за здравство и Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ) ја претставија платформата Е-здравје, која ги интегрира сите дигитално достапни здравствени услуги на едно место и содржи посебен дел за имунизација, нудејќи им на родителите, старателите и јавноста едношалтерски систем со веродостојни информации за редовните вакцини што се примаат во детството.

Платформата E-здравство која ја изработи „Мој термин“со поддршка од УНИЦЕФ и Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД), има за цел да ги задоволи растечките барања на јавноста за дигитално достапни здравствени информации што се точни, навремени и транспарентни. Освен информациите за вакцините што се примаат во детството, сезонскиот грип и вакцините против КОВИД-19, сите дигитални услуги претходно беа достапни во одделни изолирани платформи.

“Процесите на дигитализација се присутни во секое поле од нашиот живот, а овие процеси се веќе започнати и во здравствениот сектор во Република Северна Македонија,“ рече министерот за здравство др Фатмир Меџити. “Овој пристап е од клучно значење за информирање на општата, но и стручна јавност, носителите на одлуки, новинарите и други јавни чинители, со цел да се креираат соодветни политики и да се носат најдобри одлуки за сопственото здравје и здравјето на нашите деца од точно проверени извори на информации.“ 

„Живеејќи во дигиталната ера, често веруваме дека информациите се лесно достапни. Меѓутоа, најновото истражување на УНИЦЕФ покажува дека секој четврти родител во Северна Македонија смета дека нема пристап до сите информации потребни за носење одлука во врска со вакцинирањето на своето дете” - изјави Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ. „Пристапот до информации е важен за да може јавноста, вклучувајќи ги и родителите, да ги донесат најдобрите одлуки за сопственото здравје и здравјето на своите деца. Оваа веб платформа ќе донесе напредок во олеснувањето на пристапот до информации и услуги и во обновата на довербата во вакцините, сѐ со цел да се обезбеди најдобра можна заштита на здравјето на децата.“

  • Сеопфатни, ажурирани и веродостојни информации за рутинската имунизација кои во минатото беа само делумно достапни преку различни вебсајтови. Родителите сега ќе можат да проверат кога нивното дете треба да прими одредена вакцина, да најдат одговори на прашањата поврзани со вакцините и да научат повеќе за болестите што може да се спречат со рутинска имунизација во детството. Делот за имунизација содржи и листа со сите вакцинални пунктови во државата и нивното работно време.
  • Ажурирани и веродостојни информации за други вакцини, вклучувајќи ги и вакцините против КОВИД-19 и сезонски грип.
  • Пристап до националниот систем за електронско закажување и евидентирање на медицинските интервенции „Мој термин”, интегриран во едношалтерскиот портал.

Платформата Е-здравство https://e-zdravstvo.mk/home ќе биде официјалниот вебсајт за дигитално здравство поддржан од Управата за E-здравје како составен дел на Министерството за здравство.

Оваа иницијатива е дел од пошироката соработка меѓу Министерството за здравство, УНИЦЕФ и УСАИД, која има за цел обнова на довербата во вакцините и зајакнување на националниот систем за имунизација.

Денес, на денот кога почнува неделата на имунизација, Министерството за здравство и УНИЦЕФ истакнуваат дека вакцините се еден од најзначајните пронајдоци во областа на здравството и развојот на светско ниво. Тие спасуваат 2 до 3 милиони детски животи секоја година од смртоносни болести.