02.11.2022.

Проектите за поддршка на железницата во Македонија финансирани од ЕБОР влегуваат во нова фаза

Граѓаните на Македонија ќе имаат корист од поеколошкиот превоз и подобрената регионална поврзаност благодарение на изградбата на новиот источниот дел од железничката мрежа, која е дел од Пан-Европскиот Коридор 8.
Настанот кој го одбележува започнувањето на градежните работите, се одржа денес. Станува збор за изградба на 34 километри пруга од Бељаковце до Крива Паланка, како и финализирање на останатите активности поврзани со 31 километар пруга од Куманово до Бељаковце. За изградбата на овие два железнички сегменти, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) има одобрено кредит за Северна Македонија од скоро ЕУР 200 милиони. Рехабилитацијата на железницата е во голема мерка поддржана и од Европската Унија (ЕУ), која додели ЕУР 75 милиони инвестициски грант. Дополнително на ова, билатералните донатори преку Инвестициската програма за Западен Балкан (ИПЗБ) одобрија ЕУР 6 милиони грант за техничка помош за подготовка на проектот и негова супервизија.

Во почетокот од изминатава недела, беа започнати и градежните работи на пругата во Албанија. Реконструкцијата на железницата треба да го поврзе најголемото албанско пристаниште Драч на Јадранското море, преку  Македонија, со Варна, бугарското пристаниште на Црно Море во Бугарија. Вкупниот износ на инвестициите на ЕБОР во железничкиот сектор, во шесте земји на Западен Балкан, изнесува ЕУР 940 милиони, а Банката на среднорочен план планира да ја инвестира дополнителни ЕУР 840 милиони. Анди Аранитаси, Претставник за Македонија, ЕБОР изјави: ,,Подобрувањето на транспортната инфраструктура, особено кај железничкиот сообраќај претставува побезбеден и поеколошки начин на превоз, со кој ќе се подобри регионалната поврзаност и ќе се отворат нови економски и трговски можности. Тој игра главна улога во справување со итните потреби од климатските промени. До сега, ЕБОР има доделено над ЕУР 350 милиони во железничкиот сектор во Македонија, вклучувајќи ги ЕУР 300 милиони за Коридор 8.
Посветени сме да го видиме овој стратешки проект за земјата и регионот завршен.” Дејвид Гир, Претставник на ЕУ Делегацијата во Македонија, изјави:,, Започнувањето на градежните работи на источниот дел од железничкиот Коридор 8 е огромен чекор во проширувањето и модернизацијата на железничката мрежа на Македонија. Овој проект кој се имплементира благодарение на поддршката на Тимот Европа, ќе ја подобри националната поврзаност и ќе ја зајакне истата во регионот и ЕУ. Ова е јасен пример дека заедно, најдобро работиме. Со над ЕУР 688 милиони доделени за железничките проекти Коридор 8, Економскиот и инвестицискиот план се потврдува како катализатор на развој во регионот. Со него се зајакнува прекуграничната соработка, се олеснува регионалната трговија, а граѓаните, бизнисите и човековата околина во регионот се стекнуваат со поголеми придобивки.”

Надградбата на пругата од Куманово до Бељаковце ќе се извршува од австриската компанија Штабаг АГ, а од Бељаковце до Крива Паланка од турската компанија Ѓулермак. Источниот дел од Коридор 8, во должина од 89 километри, започнува во Куманово и завршува во Деве Баир, на границата со Бугарија, поминувајќи низ Бељаковце и Крива Паланка. Откако источниот дел од Коридор 8 ќе стане целосно оперативен, ќе  го зајакне транспортниот систем на Македонија, правејќи го поодржлив и обезбедувајќи дополнителна регионална рута на протокот на сообраќајот до и од Македонија, натамошно олеснувајќи ја регионалната интеграција. ЕБОР ја поддржува Македонија во напорите за подобрување на транспортната инфраструктура во земјата, со инвестиции во железницата и патиштата. До сега, Банката има обезбедено над ЕУР 900 милиони за изградба на патни и железнички проекти во земјата.

ЕБОР е една од водечките институционални инвеститори во Македонија, со инвестирани над ЕУР 2,5 милијарди во 167 проекти во различни сектори од економијата.