08.04.2023.

МИА и Мисијата на ОБСЕ потпишаа Меморандум за разбирање во насока на зајакнување на независното новинарство

Меморандум за разбирање потпишаа денеска Медиумската информативна агенција (МИА) и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, чија главна цел е зајакнување на независното новинарство, првично со покренување на процесот за изработка на посебен закон за МИА, со кој ќе се уреди позиционирањето на медиумот во медиумскиот простор на Северна Македонија.

Меморандум за разбирање потпишаа денеска Медиумската информативна агенција (МИА) и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, чија главна цел е зајакнување на независното новинарство, првично со покренување на процесот за изработка на посебен закон за МИА, со кој ќе се уреди позиционирањето на медиумот во медиумскиот простор на Северна Македонија. 

Меморандумот беше потпишан во просториите на МИА од страна на амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ, Килијан Вал и генералниот директор на Агенцијата, Драган Антоновски.  

Поддршката на Мисијата е насочена кон зајакнување на капацитетите на МИА преку подобрување на нејзината функционална независност и обезбедување на доволно ресурси, со цел граѓаните на Северна Македонија да продолжат да добиваат вести кои се неутрални и непристрасни. Ова на долг рок ќе ја подобри одржливоста на Агенцијата.

-Слободата на медиумите, независноста, професионалноста, организацијата на работата, освен од обученоста и расположливиот кадар, зависи и од финасиската стабилност, особено од предвидливоста на буџетите за да имаме вистинска одржливост, изјави Антоновски на церемонијата на потпишувањето.

Тој напомена дека МИА покажала дека е  неопходност за медиумската заедница во Северна Македонија, столб на проверени и релевантни информации, но, како што додаде, за да останеме на тој пат потребна ни е вистинска законска медиумска поставеност и функционалност.

-Новото време носи нови предизвици. ОБСЕ веќе еднаш ни помогна во мултимедијалноста, за што сме горди и ние, а се надевам и Вие затоа што МИА ја збогати својата понуда до корисниците и се надевам, ги оправдавме очекувањата. Сега чекориме кон нови предзвици за директна комуникација меѓу агенциите во регионот, директно со јавноста што е голем потенцијал и секако претставува огромен предизвик, особено ако се има предвид дека јавноста, во потрага по веродостојни информации, сè повеќе се обраќа кон медиумите на кои им верува, рече Антоновски.

Тој нагласи дека другиот предизвик е како МИА да стане бренд кој јавноста го препознава како сигурен извор на информации, како да се трансформира содржината за да се задоволат барањата на социјалните мрежи и онлајн медиумите, а притоа да се задржат основните стандарди на професијата и агенциското новинарство.

-Како да се осигураме дека содржината што директно се пласира на интернет не ја загрозува основната агенциска дејност - продажбата на услуги на други медиуми? Но за сите тие предизвици ни е потребна пред се финасиска стабилност, предвидливост и професионална одржливост, за што мислиме дека оваа позиција ќе ја добиеме ако вистински со посебен Закон ја поставиме и дефинираме Медиумската иформативна Агенција, рече Антоновски.

Амбасадорот Вал, во своето обраќање се осврна на важноста и значењето на слободните и независните медуми за секоја здрава демократска држава.

-Слободните и независни медиуми се од витално значење за функционална и здрава демократија, изјави Вал на церемонијата на потпишување.

Тој нагласи дека новинарите се неопходни во обезбедувањето на неутрално и непристрасно известување кое е актуелно, поткрепено со факти, навремено и точно.

-Тоа ни е повеќе потребно од кога било во свет во кој сè повеќе доминираат лажните вести и дезинформациите, истакна Вал.

Амбасадорот Вал имаше можност да ги посети редакциите на МИА и одблиску да се запознае со работата на новинарите и медиумските работници во МИА. ац/бак/