08.10.2021.

Формиран Центарот за поддршка на компании во Министерството за одбрана, НАТО пазарот со годишна вредност од 5 милијарди евра стана достапен за македонските компании

Членството на Република Северна Македонија во НАТО e клучен политички успех, кoj отвора и економски врати и даде шанса за домашните компании да излезат на НАТО пазарот,беше речено на денешната прес-конференција во Министерството за одбрана, на која зборуваа премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и заменикот – министер за финансии, Димитар Ковачевски.

На прес-конференцијата со која беше промовиран Центарот за поддршка на компании кој е веќе формиран во Министерството за одбрана, премиерот Заев, министерка Шекеринска и заменикот – министер Ковачевски истакнаа дека членството во Алијансата значи можност за домашните компании да излезат на НАТО пазарот, чии тендери надминуваат 5 милијарди евра годишно.

Министерската Шекеринска ги повика компаниите да го прифатат предизвикот и да учествуваат на тендерите за набавки на потребите на Алијансата.

„Станува збор за навистина компетитивен пазар кој не треба да ни претставува пречка, туку да ни биде дополнителен мотив да бидеме подобри, поефикасни и поквалитетни“, рече министерката.

„Потребите за набавки во рамки на Алијансата се навистина големи и се реализираат преку двете НАТО агенции, Агенцијата за поддршка и набавки и Агенцијата за комуникации и информации.
Тие се агенции кои што може и Северна Македонија да ги користи за дел од своите набавки, но се агенции преку кои нашите компании може да учествуват на тој пазар.Преку овие две агенции Алијансата врши набавки од различни области кои што имаат врска со одбраната- набавки на униформи и обувки, средства за дезинфекција, изградба и опремување на објекти, лекови, медицинска опрема, кондиторски производи, аеродромска опрема, трговија со гуми за возила, медицински услуги, консултантски услуги во делот на информатиката, како и софтверски решенија и многу други.Доволно е само да се погледне кои се тендери се распишуваат од страна на двете НАТО агенции за да се види широкиот опсег на можности кои се отвораат пред нашите компани“ рече министерката.

Шекеринска порача дека поддршката ќе биде суштинска и сеопфатна и ги охрабри домашните компании да се впишат во евиденцијата на економски оператори и да се здобијат со потврда за исполнетоста на условите за учество во постапките за НАТО – набавки.

„Преку Центарот за поддршка на компании, ќе им помагаме на компаниите првенствено да извршат регистрација во НАТО агенциите, а потоа да добијат пристап кон објавените тендери. Центарот ќе помага со пренесување на научените лекции за успешно аплицирање на тендери, како и за поврзување на македонските компании со светските гиганти кои веќе имаат активни договори со НАТО агенциите, а имаат потреба од добавувачи“, рече министерката и додаде дека процесот на регистрација е едноставен, а сите информации можат да се најдат на веб – страницата на Министерството (Центар за поддршка на компании).

Премиерот Заев истакна дека Владата ги направи првите чекори за да го помогне учеството на нашите компании во набавките за НАТО и дека освен обезбедувањето на нашата иднина на безбедносен план, обезбедени се и низа други можности од кои непосредни придобивки ќе има нашата економија, нашите компании, нашите граѓани.

„Сакаме да ги увериме деловните луѓе, стопанските комори и сите останати бизнис асоцијации, дека НАТО Центарот за поддршка на компаниите не е само уште една бирократска алка во постапката, туку доверлив партнер со сите информации и знаења за да ви ја олеснат процедурата и да ви помогнат дали ги исполнувате условите за да учествувате во набавките за НАТО за да станат деловен партнер на најголемата воена алијанса во светот“, нагласи премиерот Заев.

Тоа се потенцијали за дополнително раздвижување на целата наша економија, посочи премиерот, затоа што е широк спектарот за потребите на НАТО за кои се распишуваат набавки, а за огромен дел од тие потреби во нашата земја има компании што ги нудат тие производи или услуги со конкурентни цени.

Огромни можности се отвораат и за компаниите од информатичко-компјутерската дејност, потенцираше премиерот Заев, и тие да бидат контрактори или подизведувачи на софтверски и други компјутерски решенија за компании како што се Ер Бас Дифенс енд Спејс, Атос Белџм, Ај-Би-еМ Белџм, Вектор Синерџи и други информатички џинови.

„Ние сме НАТО, и сега, како дел од евроатлантското семејство, сите нејзини земји членки ја прифаќаат Република Северна Македонија како доверлив и достоинствен партнер во најмоќниот воено-безбедносен сојуз на светот и во делот на економската соработка во поддршката на мисијата на алијансата“, истакна претседателот на Владата Зоран Заев во обраќањето на прес конференцијата за промоција на НАТО Центарот за поддршка на компаниите.

Заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски рече дека со влезот во НАТО освен безбедносните и политичките, се зголемија и економските потенцијали за нашата земја и како придонес во таа насока Министерството за финансии ги реализираше своите обврски од Програмата за продолжување на реформите за членството во НАТО со новиот Закон за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста со што се воведоа процедури кои им овозможуваат на нашите компании да учествуваат на НАТО тендерите.

„Отворањето на овој голем пазар е шанса за нашите компании и импулс за раст на економијата. Министерството за финансии ќе продолжи со средби со бизнис заедницата за да им помогнеме да бидат квалификувани за учество во набавките на НАТО“, потенцираше заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски на промоцијата на НАТО Центарот за поддршка на компаниите.