27.01.2023.

Донесен нов Правилник за функционална проценка на деца и млади со попреченост

Правилникот е дел од новиот модел на проценка преку кој се овозможува унифициран пристап до услугите за децата и младите со попреченост

Скопје, 12 јануари 2023: Денес, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, министерот за здравство Беким Сали и министерот за образование и наука Јетон Шаќири го потпишаа новиот Правилник за функционална проценка на децата и младите со попреченост, чија цел е да се олесни пристапот на децата и младите до 26-годишна возраст до услуги за поддршка и парична помош.

Подзаконскиот акт е дел од големата реформа на моделот за проценка на децата и младите со попреченост што се спроведува во Република Северна Македонија од 2019 година, од страна на Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за здравство, а со поддршка од Канцеларијата на УНИЦЕФ.

“Инклузија и почитување на правата на лицата со попреченост, тоа е нашиот приоритет, тоа е нашата заложба. Еднаквоста е нашиот постулат за работа и затоа на прво место го поставуваме препознавањето на јаките страни на лицата со попреченост и овозможување на простор за развивање на нивниот целосен потенцијал“, рече министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

“Досега, Стручните тела реализираа над 2100 проценки, а паралелно започнаа и со издавање на контролни проценки. Со заокружувањето на постапката за отворање на сите регионални стручни тела се очекува многу поголем број на извршени проценки кои треба да ги задоволат реалните потреби. Во однос на трошоците за вршење на проценката, напоменуваме дека родителите се ослободени од секакви плаќања за вршење на проценката“, рече министерот за здравство Беким Сали.

„Правилникот е важен инструмент за подигнување на степенот на инклузивност на националниот образовен систем. Полесно ќе се изработува индивидуален образовен план за работа со ученик со попреченост и модифицирана програма, а воедно и полесно ќе се дефинира инклузивниот тим, односно ќе се одредува каков тип на стручен кадар треба да работи со тој ученик, дали ќе биде потребна образовна асистенција, или пак, ќе се ангажира личен асистент“, потенцираше министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

 

“Големо достигнување е што секторите за здравство, образование и социјална заштита во Северна Македонија работат заедно на унапредување на правата и подобрување на животниот стандард на децата и младите со попреченост“, рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.

“Претстои уште работа за да се заврши реформата, особено во однос на обезбедување простории и човечки ресурси за сите регионални тела за проценка на попреченоста. Се надевам дека овој настан ќе поттикне подготовка на акционен план кој ќе ги води различните засегнати страни во процесот. УНИЦЕФ останува подготвен дополнително да ја поддржи оваа клучна реформа за доброто на секое дете во земјата“.

Новиот модел за проценка става акцент на активната улога на родителите во проценката на нивните деца. Исто така, преку стручни совети ги оснажува родителите да дадат понатамошна поддршка на своите деца. Ова претставува огромен напредок во споредба со претходниот систем што се потпираше исклучиво на медицински дијагнози и немаше пристап фокусиран на потребите.

Новиот модел на проценка има за цел да ги идентификува попреченостите кај децата и потребната поддршка што ќе овозможи секое дете да го оствари својот целосен потенцијал. Регионалните тела за проценка во Битола, Охрид, Гостивар, Велес, Куманово, Штип, Струмица и Скопје ќе обезбедуваат професионални насоки на родителите на децата со пречки во развојот и ќе ги поврзат со услуги за поддршка во областа на здравството, образованието и социјалната заштита. Телата се екипирани не само со лекари, туку и со социјални работници, психолози и специјални едукатори. Регионалните тела ќе ги идентификуваат и пречките во опкружувањето што го спречуваат активното и целосно учество во општеството на децата со попреченост, како што се непристапната инфраструктура, предрасудите и негативните ставови во локалните заедници.

Исто така, формирано е и национално тело кое ќе ја координира и надгледува работата на регионалните тела за проценка на попреченоста, ќе собира податоци за да ги идентификува тесните грла во обезбедувањето услуги за поддршка на децата и младите со попреченост и да ги решава во партнерство со ресорните министерства. Во целиот процес на воспоставување регионални тела за проценка на попреченоста и спроведување на законските амандмани, Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за лицата со попреченост одигра клучна улога во поврзување со различни институции.

За потребите на новиот модел, направени се обемни измени на законската рамка, вклучително и на законите за социјална и детска заштита, законот за основно образование и законот за здравствена заштита, што системски ја регулираат оваа проблематика. Со новиот Правилник се уредува функционирањето на стручните тела за проценка, начинот на вршење на проценките, но и начинот на обезбедување дополнителна поддршка во областа на образованието, здравството, социјалната заштита и детската заштита.

Телата за проценка на попреченоста ќе бидат финансирани од Министерството за здравство, а низ целата територија на државата ќе функционираат како служба во рамки на Здравствениот дом Скопје. Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и општините обезбедуваат дел од просториите за функционирање на телата.

Воведувањето на овој нов модел беше поддржано од Фондот за деца на Обединетите Нации (УНИЦЕФ). Претставникот на УНИЦЕФ во земјата, г-ѓа Патриција ДиЏовани, изјави: „Новиот правилник е во согласност со Меѓународната класификација за функционирање, попреченост и здравје (МКФ) – одобрена од Светската здравствена организација во 2001 година“.