28.10.2023.

Здравствени работници од Северна Македонија ги зајакнуваат своите капацитети за идентификување, заштита и упатување на потенцијални жртви на трговија со луѓе

Општите доктори, гинеколозите, персоналот од итната медицинска помош, медицинските сестри можат да бидат првите што доаѓаат во контакт со потенцијалните жртви на трговија со луѓе.

Во напорите да им помогне на здравствените работници да ги извршуваат нивните важни работни задачи при идентификување, заштита и упатување на потенцијалните жртви на трговија со луѓе, заедничкиот проект на ЕУ и Советот на Европа „Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Северна Македонија“ спроведува активности за градење на капацитетите кои вклучуваат обуки, фокус групи и подготовка на „Краток водич за здравствени работници за идентификување и поддршка на жртвите на трговија со луѓе“.

Во оваа рамка беа спроведени две регионални обуки, во Кочани и Куманово, за 21 здравствен работник кои ги унапредија своите вештини за примена на индикаторите за трговија со луѓе, како да обезбедат помош на жртвите на трговија со луѓе и како да ги упатат до соодветните органи (полиција, социјални работници и Центарот за жртви на трговија со луѓе).

„Информираните и внимателни даватели на здравствени услуги може да играат важна улога во лечењето и заштитата на жртвите на трговија со луѓе кои може да претрпеле повеќе видови на експлоатација. Водечките начела вклучуваат недискриминација, ненанесување штета, процена на ризик за пациентот и доверливост“, истакна г-а Надица Тотиќ од Институтот за јавно здравје – партнер-институцијата во активностите за градење на капацитетите каде целна група се здравствените професионалци.

„Идентификацијата на потенцијалните жртви на трговија со луѓе се процесира врз основа на податоци обезбедени од страна на пациентот, неговата/нејзината анамнеза, медицински прегледи и опсервации на повредите на лицето“ – појасни Др. Даниела Иванова Панова, гинеколог од Центарот за жртви на родово-засновано насилство при Државната клиника за гинекологија и акушерство.

Учесниците научија преку директните искуства за помагање на жртви на трговија со луѓе, споделени од страна на нивните колеги и НВО Отворена Порта кои управуваат со Државниот центар за жртви на трговија со луѓе. Беа претставени насоки за тоа како треба да им се помогне на потенцијалните жртви на трговија со луѓе во различни сценарија. Учесниците ја истакнаа важноста од соодветна и навремена заштита од страна на здравствените работници и упатување на потенцијалните жртви на трговија со луѓе, со цел да се прекине ланецот на експлоатација во кој се затворени жртвите на трговија со луѓе

Активноста беше организирана како дел од заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“, фаза III.