30.06.2023.

УНДП и МВР спроведуваат проект против сексуално насилство на интернет

Борба против сексуалното и родово – базирано насилство на интернет преку зајакнување на капацитетите на Министерството за внатрешни работи е главна цел на проектот кој во наредните 18 месеци ќе го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со МВР. Станува збор за исклучително важна активност, со оглед на тоа што, според податоците на Секторот за компјутерски криминал во МВР, регистриран е раст на бројот на кривични дела извршени со компјутерски криминал, а интернет просторот сè почесто се злоупотребува како место за сексуално вознемирување и за демнење. Најчести видови ваков тип криминал се навреди, закани, уцени со компромитирачки материјали, кои се насочени кон деца, поранешни партнери и припадници на ЛГБТ заедницата.

„МВР активно работи на превенција и борба против сите видови компјутерски криминал. Од годинава делата демнење и полово вознемирување се додадени во Кривичниот законик што го проширува нашиот делокруг на работење и нѝ овозможува дополнително да се насочиме кон спречување на ваквите дејствија. Проектот кој ќе го имплементираме со УНДП е особено значаен за да ги зголемиме капацитетите на полициските службеници на сите нивоа, особено на знаењата и вештините кои се неопходни при обезбедување докази и успешно гонење на извршителите на компјутерски криминал“, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. 

„Дигитализацијата, од една страна, носи многу предности за поттикнување на одржливиот општествен развој, но од друга страна отвора простор за бројни злоупотреби на интернет. Станува збор за сериозен проблем со кој се соочуваат сите земји на глобално ниво. Токму заради тоа одлучивме да го искористиме искуството на Република Кореја, и нивните позитивни практики и знаења да ги пренесеме во Северна Македонија“, рече Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП.

Проектот се состои од повеќе активности при што прво ќе биде спроведена компаративна анализа на законодавството кое ја регулира оваа проблематика. Потоа ќе следува зајакнување на капацитетите на полициските службеници за превенција на сексуална експлоатација и вознемирување на интернет, преку тренинзи кои ќе ги држат претставници на Националната полициска агенција на Република Кореја. Во рамки на проектот ќе се спроведе и кампања за едукација и зголемување на свесноста на граѓаните за сексуално и родово – базирано насилство на интернет, со акцент на личната заштита и вештините за препознавање на сторителите на овој вид криминал.

Особен фокус ќе се стави на заштита на жените, со оглед на тоа што глобалните истражувања покажуваат дека жените имаат 27 пати поголем ризик да бидат вознемирувани на интернет во споредба со мажите.

Проектот „Сузбивање на сексуално и родово-базирано насилство во дигиталната сфера“, УНДП го спроведува со финансиска поддршка на Министерството за надворешни работи на Република Кореја.