За реализација на оваа инвестиција денеска во Скопје се потпишаа Договор за заем меѓу Кредитната банка за обнова – КфВ и АД ЕСМ – Скопје, Договор за гаранција меѓу Република Северна Македонија претставувана од Министерството за финансии и Кредитната банка за обнова – КфВ, Посебен договор меѓу Кредитната банка за обнова – КфВ и АД ЕСМ – Скопје и Договор за ВБИФ грант меѓу Кредитната банка за обнова – КфВ и АД ЕСМ – Скопје. Договорот за гаранција го потпиша министерот за финансии Фатмир Бесими и директорот на Секторот за енергија и мобилно во ЈИЕ и Турција во КфВ Пабло Обрадор Алварез, додека останатите договори се потпишаа од страна на директорот на Секторот за енергија и мобилност во ЈИЕ и Турција во КфВ Пабло Обрадор Алварез и директорот на ЕСМ Васко Ковачевски. На потпишувањето на договорите присуствуваа евроамбасадорот Дејвид Гир и вршителот на должност амбасадор на СР Германија во земјава Ото Граф.
„Овие договори овозможуваат реализација на инвестиција од 36,2 милиони евра, која РС Македонија ќе ја спроведе со поддршка од нашите партнери, а со кои правиме значајни чекори во обезбедувањето енергетска независност и тоа преку инвестиции во обновливи извори на енергија. Инвестициите во енергетскиот сектор, како и инфраструктурата се еден од нашите приоритети во програмата. Тие значат инвестирање во нашиот развој, инвестирање во поголема конкурентност на економијата, повисок животен стандард, подобрување на квалитетот на животот, инвестиција во иднината. Затоа и во Буџетот за оваа година се предвидени 800 милиони евра средства за капитални проекти од кои доминираат инфраструктурните и енергетските проекти“, рече министерот Бесими на потпишувањето на договорите.
Тој додаде дека средствата се обезбедуваат по поволни услови, а реализацијата на инвестицијата ќе значи поголемо домашно производство, стабилност во снабдувањето со електрична енергија и енергетска независност, што особено се покажа значајно во услови на енергетска криза за да се обезбеди електрична енергија од домашни извори за граѓаните и компаниите.
Според Обрадор Алварез договорите потпишани денеска се дел од заложбите на Германија во рамките на Берлинскиот процес, како и дел од енергетскиот пакет на ЕУ за поддршка на зелената транзиција на енергетскиот сектор во земјите од Западен Балкан (WB6).
Евроамбасадорот Гир потенцира дека инвестициите во зелена енергија се клучни за РС Македонија што ќе придонесе за подобрување на нејзината долгорочна енергетска безбедност, како и заложбите поврзани со климатските промени.
„Рехабилитацијата на постојните хидроцентрали е дел од оваа стратегија бидејќи тие треба да помогнат во поттикнување на производството на зелена енергија. За таа цел, ЕУ обезбедува инвестициски грант во износ од 11,2 милиона евра (преку Инвестициската рамка за Западен Балкан) како дополнување на заемот обезбеден од КфВ (Германска банка за развој) и финансирање со грант од Германија. Ќе продолжиме да соработуваме со националните власти, приватниот сектор и нашите меѓународни партнери за да ѝ помогнеме на Северна Македонија да напредува во спроведувањето на Зелената агенда, што е всушност приоритет за сите нас”, рече евроамбасадорот Гир.
„Германија и ЕУ ја поддржуваат Северна Македонија со цел зголемување на енергетската безбедност, цел кон која се стремиме сите. Новиот кредит на КфВ (Германска банка за развој) ќе овозможи рехабилитација на хидроцентралите и ќе придонесе за зајакнување на капацитетите за обновливи извори на енергија на ЕСМ. Ова е одличен пример за тоа како нашите две влади соработуваат со цел да обезбедат достапност на енергијата по разумни цени“, рече в.д. амбасадорот Граф.
Генералниот директор на ЕСМ Ковачевски оцени дека третата фаза на ревитализацијата на 6-те големи хидроелектрани е од огромно значење бидејќи со замената на застарената и дотраена опрема ќе се постигне намалување на времето на прекин поради планирано и непланирано одржување, што ќе значи достапност на постројките од 100% на годишно ниво по завршувањето на проектот.
Тој додаде дека проектот е усогласен со обврските од Зелената агенда за Западен Балкан, со заложбата за транзиција кон чиста енергија и ќе придонесе за имплементација на Стратегијата за развој на енергетиката на РС Македонија до 2040 година, која има цел намалување на емисиите на стакленички гасови за 61% споредено со 2005 година и учество на обновливите извори на енергија во бруто потрошувачка на финална енергија на 45%.