21.08.2023.

Потпишан Меморандум за разбирање меѓу САД и Северна Македонија за создавање стратешко партнерство за борба против дезинформации

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во рамки на работната посета на Вашингтон оствари средба со Џејмс П. Рубин, специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент.

На средбата Ковачевски и Рубин потпишаа Меморандум меѓу САД и Северна Македонија за создавање стратешко партнерство за борба против дезинформации, што ќе им овозможи на САД и Северна Македонија интензивна соработка во спротивставување на манипулациите со информации и борбата со дезинформации. 

Северна Македонија и САД трајната врска ја градат врз заеднички вредности и принципи како слободата, демократијата, правдата и владеење на правото. Претседателот на Владата изрази благодарност за соработката и ја потенцираше важноста на Меморандумот констатирајќи дека ова претставува огромна поддршка за Северна Македонија во градењето цврста демократија. 

Пријателството меѓу Северна Македонија и САД е гаранција за стабилноста и просперитетот на нашата држава, како и на цел Западен Балкан.