04.02.2024.

По сливот на реката Вардар ќе бидат поставени четири системи за наводнување кои ќе опфатат 13.000 хектари земјоделско земјиште

Во Страиште, Лисиче, Конско и Пепелиште ќе бидат поставени нови системи за наводнување со кои ќе бидат опфатени 13.000 хектари земјоделско земјиште. Хидросистемот Лисиче ќе ги опфати земјоделците од Велес и Чашка и обезбедува наводнување за 3 650 хектари, системот Пепелиште опфаќа 3 000 хектари во Неготино и Демир Капија, Страиште 1 500 хектари во Валандово и најголемиот, Конско, опфаќа 5 500 хектари на подрачјето на општините Гевгелија, Богданци и Дојран.

Инвестицијата вредна над 100 милиони евра, ќе се реализира преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Седумдесет отсто од средствата се поддршка од германската КФВ банка, 80 милиони евра заем и 2,8 милиони евра грант за поддршка на земјоделците и земјоделските задруги во областите опфатени со хидросистемите, додека останатите 30 проценти се од државниот буџет.

Пред денешното потпишување на Договорот со меѓународната консултантска компанија ЦЕС, премиерот Димитар Ковачевски изјави дека реализацијата на оваа програма е дел од заложбите за создавање модерно земјоделство, по европски тек.

 

Активностите предвидуваат изградба, рехабилитација и проширување на четири системи за наводнување и изградба на мали хидроцентрали на Лисиче и Конско. Овие системи ќе го зголемат хидропотенцијалот и обемот на земјоделското производство, но ќе ги намалат и економските загуби, рече Ковачевски.

Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски посочи дека ова е историски најголема програма во водоснабдувањето во износ кој ќе надмине 100 милиони евра.

Четирите системи се дел од Програмата за наводнување на Северна Македонија и се протегаат по сливот на реката Вардар, постојано работиме на модернизација на системите за наводнување, градејќи нови и реконструирајќи ги постоечките, рече Николовски.

Германската амбасадорка Петра Дрекслер укажа на важноста од борбата со климатските промени.

Договорот потпишан со консултантската компанија тежи 9,1 милиони евра и предвидува изготвување главни проекти за изградба на четирите системи, подготовка на документација, распишување постапка за изградба, надзор и имплементација. Физибилити студиите се веќе изготвени, а направена е и процена на еколошкото влијание на системите.