05.06.2022.

ЕБОР и Стопанска банка ги поддржуваат малите бизниси во Северна Македонија

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) одобри кредитна линија за Стопанска банка, од која корист ќе имаат малите и средни претпријатија (МСП) во Северна Македонија.

Претседателката на ЕБОР, Одил Рено-Басо и Генералниот извршен директор и Претседател на Управниот Одбор на Стопанска банка Диомидис Николетопулос, денес, во Скопје, потпишаа договор за кредитна линија во износ од 4 милиони евра.

Кредитната линија за Стопанска банка ќе помогне на МСП во поддршка на инвестициите во технологии и услуги со високи перформанси со што ќе им овозможи да станат поконкурентни. Исто така, на малите компании ќе им овозможи да го поттикнат своето делување по Ковид-19 пандемијата.

Кредитната линија е дел од новата Програма на ЕБОР за поттикнување на МСП, која ги поддржува малите компании во опоравување од забавениот раст за време на пандемијата.

Со Програмата ќе биде поддржано и проширувањето на зелената економија во Северна Македонија преку промовирање на инвестиции за подобрување на енергетската ефикасност. Околу 70 проценти од финансирањето на програмата ќе биде алоцирано за инвестиции во заштеда на енергија и за зелени технологии, додека остатокот ќе биде наменет за поддршка на инвестиции во автоматизација, зголемена продуктивност, квалитет на производи и безбедност.

МСП ќе ја користат и грант-поддршката во вредност до 15 проценти од износот на кредитот. Грантовите се финансирани од Луксембург, Норвешка и Соединетите Американски Држави, а други донатори се очекува да се приклучат на поддршката.

Претседателката Рено-Басо изјави: „МСП се основа на локалните економии. Тие обезбедуваат работни места и можности за локалните заедници. Нивната поддршка е еден од главните приоритети на ЕБОР во економиите каде што инвестира. Ова е особено потребно по забавувањето на растот после Ковид-19 пандемијата како и со тековното нарушување на глобалната трговија. Се надеваме дека ова ново финансирање ќе им помогне на голем број компании да се опорават и да ги поттикнат сопствените бизниси, истовремено поддржувајќи ја зелената транзиција.”

Господин Николетопулос изјави: „Стопанска банка АД – Скопје историски е препознатлива како финансиски партнер на главните инфраструктурни и индустриски проекти. Тоа што е помалку познато е дека Банката постојано обезбедува и поддршка на МСП за нивен раст и развој. Поради тоа ни претставува задоволство што денес го потпишуваме овој значаен Договор и правиме дополнителен чекор кон поддршка на клиентите МСП. Опоравувањето од кризата од пандемијата е бавно и тешко, но претставува можност за одново да се размисли и да се реструктуира бизнисот, да се направи поодржлив за во иднина, што е токму и намената на оваа Програма.”

Стопанска банка е банка со најдолга традиција во Северна Македонија. Основана во 1944 година, таа работи како универзална банка, а е рангирана како најголема банка во земјата според неколку критериуми, меѓу кои и според портфолиото на нето-кредити. Банката е во доминантна сопственост на Националната банка на Грција која поседува 94,6 проценти, додека остатокот го поседуваат малцински акционери.

ЕБОР е главен институционален инвеститор во Северна Македонија. До денес има инвестирано над 2,2 милијарди евра во 161 проекти во различни сектори во економијата.