26.01.2024.

Државниот пат Крива Паланка – ГП Деве Баир пуштен во употреба

Денеска официјално се пушти во употреба државниот пат А2 Крива Паланка – ГП Деве Баир. Инвестицијата е вредна 12,2 милиони евра, грант средства обезбедени од 2,4 милиони неповратни средства и заем од Европската банка за обнова и развој.

Покрај целосната рехабилитација, доградена е и трета лента до ГП Деве Баир. Овој државен пат е дел од европскиот Коридор 8.

„Реализацијата на патните правци, кои се дел од Коридорот 8 и Коридорот 10-д за нас се од посебно значење бидејќи инвестициите во овие два коридори се политички и економски влог во нашата европска иднина. Нашите постигнувања носат придобивки за нашите граѓани кои тоа го гледаат и го вреднуваат. Во последните пет години за модернизација на патната мрежа низ државата преку изградба и рехабилитација на патишта се имплементирани крупни инфраструктурни проекти кои порано беа само на хартија. Северна Македонија го менува својот лик и станува уште подостапна за инвеститорите кои сè повеќе ги препознаваат нашите можности и потенцијали. Ако минатата година беше година на нови можности, оваа година очекувам да биде година на европски можности кои ќе ни ја обезбедат нашата европска иднина на која посветено работиме, а така и ќе продолжиме“, посочи премиерот Ковачевски на денешниот настан.

„Подобрувањето на патната делница од Крива Паланка до границата со Бугарија ќе придонесе за економски развој на земјата и нејзина регионална интеграција преку зајакнување на поврзаноста со соседните земји и со пазарот на ЕУ. ЕУ останува силен партнер во сите инфраструктурни проекти кои придонесуваат за побрза економска интеграција на земјата“, изјави евроамбасадорот Гир.

Министерот Бочварски потенцираше дека овој патен правец е дел од вкупната инвестициона активност од две милијарди евра само во патната инфраструктура.