Чекајќи го возот за Софија: Нова надеж за „пругата наречена надеж“
Пругата кон Бугарија е најветуваниот проект од сите политички елити во изминатите три децении. Кај местото Шупли Камен во близина на Куманово деновиве повторно почна да се гради „пругата наречена надеж“, власта сега уверува дека пругата ќе биде изградена до крајот на 2027 година Изградбата на пругата започна во 1994 година во време на Владата предводена од СДСМ и тогашниот премиер Бранко Црвенковски. Во 2004 година изградбата е стопирана, градежните работи продолжија дури по десет години, пролетта 2014 година во време на Владата под водство на ВМРО-ДПМНЕ и експремиерот Никола Груевски. Градежните активности на делницата Куманово – Бељаковце требаше да завршат во средината на 2016 година, но ваквите планови не се остварија. Потоа, за предвремените парламентарни избори во 2016 година СДСМ вети дека во првите две години од мандатот ќе ја доврши реконструкцијата на оваа делница. Сепак и тоа не се случи. На 29 мај 2020 година, германската компанија „Вибе“ како изведувач на делницата Куманово-Бељаковце, го раскина договорот, со што фактички запреа градежните активности. Во февруари лани беше распишан нов тендер за првите две делници од пругата, а во јули годинава беше потпишан договор со новите изведувачи „Ѓулермак“ и „Штрабаг“
Премиерот Димитар Ковачевски, како што самиот кажува, пораснал со проектот железница кон Бугарија, но веројатно не помислил оти и тој ќе биде еден од плејадата политичари кои изминативе три децении свечено го означуваа стартот на изградбата на „пругата наречена надеж“. Возот кон Бугарија што „киниса“ уште во 1994 година и сиве овие години „газеше на слеп колосек“, сега се најавува дека во Софија ќе стаса во 2027 година.
Со свечена церемонија изминатиот викенд (29,10.2022) беше означен новиот почеток на изградбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8, секција Куманово – Бељаковце – Крива Паланка.
„Возот до Софија тргна во 1994“, и тоа е така. „Пругата наречена надеж“ така ја карактеризираат медиумите е можам да кажам сосема прецизна формулација. Свесен сум дека постои скептицизам, јас сум еден од оние кои практично пораснаа со проектот железница кон Бугарија. Од моментот кога станав свесен за тоа што се железнички коридори тогаш почна да се гради овој железнички коридор и сè уште не е изграден. И знам зошто постои тој скептицизам, таа недоверба дека некогаш и ќе се случи ова. Системот ни е таков и тоа на многу места, јасен ми е сентиментот на граѓаните. И за да можеме да го поправиме, треба сето ова најпрво да си го признаеме, а потоа да се зафатиме со работа, порача премиерот Ковачевски од свеченоста во местото Шупљи Камен во близина на Куманово.
Според директорот на „ЖРСМ Инфраструктура”, Хари Локвенец до крајот на 2025 година би биле завршени двете фази од пругата кон Република Бугарија. Што се однесува до третата делница, од Крива Паланка до границата со Бугарија, во завршна фаза е подготовката на тендерската документација, која би требало да се објави најдоцна до почетокот на 2023 година и изборот да биде завршен до крајот на следната година, кога би бил означен и почетокот на изградбата.
Заради условите на ЕУ и заради потребата да го покажеме својот капацитет, својата подготвеност да го сработиме тоа, ние мораме да ја почнеме изведбата на овој дел од пругата кон Бугарија до крајот на 2023 година. Земајќи предвид дека предвиденото време за градба на тој дел е четири години, значи дека до крајот на 2027 година ние би имале готова пруга кон Бугарија, вели Локвенец.
Со стартот на градежните работи на пругата кон Бугарија, според министерот за транспорт и врски Благој Бочварски „ја испишуваме новата историја на железницата во Северна Македонија“.
Со почеток на изградба на овој дел од Коридор 8 започнуваме нова ера во железничкиот систем во државата…Изградбата на оваа железничка пруга од Куманово до Крива Паланка и во следна фаза до границата со Република Бугарија, инвестиција од преку 600 милиони евра е сериозен чекор во развојот на регионалната железничка мрежа, смета Бочварски
На настанот кај Шупљи Камен присуствуваа и техничкиот премиер на Бугарија, Галаб Донев, евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир, како и министри од владите на Северна Македонија и Бугарија, но и претставници од Делегацијата на ЕУ и Европската банка за обнова и развој, кои фактички го даваат најголемиот дел парите за изградба на пругата кон Бугарија.
Станува збор за три делници на источното крило на железничкиот Коридор 8, во вкупна должина од 88,2 километри – од Куманово до Бељаковце – 31 километар, од Бељаковце до Крива Паланка – 34 километри и од Крива Паланка до границата со Бугарија – 24 километри.
За изградбата на пругата од Бељаковце до Крива Паланка, како и финализирање на останатите активности поврзани со делницата од Куманово до Бељаковце, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) има одобрено кредит за Северна Македонија од скоро 200 милиони евра. Рехабилитацијата на железницата е во голема мерка поддржана и од Европската Унија (ЕУ), која додели 75 милиони евра инвестициски грант. Дополнително на ова, билатералните донатори преку Инвестициската програма за Западен Балкан (ИПЗБ) одобрија 6 милиони евра грант за техничка помош за подготовка на проектот и негова супервизија.