05.02.2023.

Бесими потпиша договор со СБ: 25 милиони евра за една од најголемите реформи во јавните финансии – ИФМИС и информациските системи за управување со државна помош и даночни приходи

25 јануари 2023, Скопје – Обезбедени се 24,9 милиони евра за изградба и имплементација на Интегрираниот информациски систем за финансиско управување – ИФМИС, една од најголемите реформи предвидени со новиот Закон за буџети, но и во јавните финансии во изминатите години, како и за информациските системи за управување со државна помош и за управување со даночните приходи. Средствата се обезбедени преку Проектот за градење ефективни, транспарентни и отчетни институции за управување со јавните финансии, за што договори денеска потпишаа министерот за финансии, Фатмир Бесими и директорот на Канцеларијата на Светска банка, Масимилијано Паолучи, во присуство на евроамбасадорот Дејвид Гир и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.

Со потпишаните договори се обезбедуваат 24,9 милиони евра, од кои 20 милиони евра се заем од Светска банка и 4,9 милиони евра грант од ЕУ за реализација на Проектот.

Со ИФМИС ќе се поврзат одделните системи во јавните финансии на една централизирана дигитална платформа, со што ќе се олесни воспоставувањето  повеќегодишна буџетска рамка, управувањето со јавните инвестиции, автоматизиран надзор над обврските, управувањето со основните средства, управувањето со долгот, како и зголемена транспарентност.

„Подобрување на управувањето со јавните финансии и зајакнување на среднорочното буџетско планирање се едни од најважните приоритети на Министерството за финансии и Владата на РС Македонија. Затоа е значајно дека со овој проект ќе се воспостави нов Интегриран информациски систем за финансиско управување во Министерството за финансии – ИФМИС, потоа  Информациски систем за управување со државна помош – САМИС, како целосно нов информациски систем за управување со државна помош кој ќе биде лоциран во Кабинетот за заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација на економските ресори, како и  целосно нов Информациски систем за управување со даночните приходи на Управата за јавни приходи (ИДИС)“, рече министерот Бесими и додаде дека воспоставувањето на овие системи претставува дел од заложбите на Владата за имплементација на напредни технологии и воедно се предуслов за премин кон современ и модерен начин на управување со јавните финансии.

Тој потенцира дека воспоставувањето на ИФМИС во Министерството за финансии е дел од поголемата реформа што се спроведува во изминатиот период во управувањето со јавните финансии и произлегува од новиот Закон за буџети, со кој, пак, се поставија фискални правила конзистентни со оние на ЕУ, коишто овозможија и поголема предвидливост и одговорност во спроведување на фискалната политика.

„Со тековната Рамка за партнерство на Светска банка со Северна Македонија се утврдува зајакнувањето на фискалното управување и управувањето со јавните финансии како клучна цел, а Проектот што го потпишавме денеска и понатаму ќе има сеопфатен пристап кон зајакнувањето и на расходната и на приходната страна во врска со циклусот на управување со јавните финансии, во којшто се зема предвид  фискалната одржливост како и одржливоста на климатските промени“, изјави Масимилијано Паолучи, директор на Светска банка за Северна Македонија и Косовo.

Тој додаде дека предвидените проектни активности ќе доведат до намалување на заостанатите обврски на државата, посеопфатно владино известување за подготовка и извршување на Буџетот, интегрирање на  ставовите за климатските промени во скринингот на проектите и намалување на јазот во даночната усогласеност од аспект на ДДВ.

Евроамбасадорот Дејвид Гир потенцира дека дигитализацијата на јавните финансии ќе придонесе за промовирање на транспарентноста, ефикасноста и отчетноста во управувањето со јавните финансии, како и  обезбедување поефикасни услуги за граѓаните.

Директорката на УЈП, Сања Лукаревска посочи дека дигитализацијата на услугите кон даночните обврзници ќе овозможи  компаниите да заштедат на  време и на трошоци, а ќе  доведе и до зголемување на наплатата на даноците, како и до намалување на неформалната економија, што им помага на формалните бизниси да ги зголемат своите приходи преку  слободна, ефективна и фер конкуренција.

„Со помош на овие средства Управата за јавни приходи ќе има современа база  за податоци,  центар за закрепнување по несреќи,  модерна структура за управување со информации, имплементација на иновативни пристапи за усогласување со даноците и подобрување во ефективноста на управувањето со приходите“, рече Лукаревска.