03.06.2023.

45 граѓански организации добија грантови преку регионалната програма ReLOaD2

Четириесет и пет граѓански организации од осум општини во државата денеска ги презентираа проектите за млади, социјална кохезија и инклузија, човекови права, заштита на животната средина, култура и туризам, кои ги имплементираат во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2. Програмата ReLOaD2 ја финансира Европската Унија, а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Станува збор за иницијатива чија главна цел е зајакнување на партнерството помеѓу локалните власти и граѓанското општество, на тој начин придонесувајќи за поголемо граѓанско и младинско учество во процесите на носење одлуки. Преку објавените јавни повици во рамки на ReLOaD2 се поддржаа 45 проекти на кои им се доделени грантови во вкупна висина од 740.000 евра. Од нивната имплементација директен бенефит ќе имаат околу 5.000 граѓани.

„Често зборуваме за значителната помош што Европската Унија ѝ ја обезбедува на Северна Македонија во форма на големи инфраструктурни проекти: патишта, железници, енергија, управување со цврст отпад, прочистување вода. Денеска ќе се фокусираме на помали иницијативи кои сепак се важни за луѓето на локално ниво. Иницијативи, кои можат да ги подобрат работите во локалните заедници на многу практични начини“, изјави Дејвид Гир, Амбасадор на ЕУ во Република Северна Македонија.

ReLOaD2 се реализира во период од четири години (2021 – 2024), во осум партнерски општини, и тоа Куманово, Гостивар, Битола, Охрид, Велес, Гевгелија, Кочани и Крива Паланка. Со поддршка на проектот, овие општини ја усвоија ЛОД методологијата, која подразбира целосно почитување на принципите на транспарентност и инклузивност при доделувањето финансиски средства на граѓанските организации.

„Среќен сум што овие проекти ги адресираат вистинските потреби на граѓаните во општините во кои се имплементираат. Ако ги погледнеме еден по еден може да добиеме впечаток дека тие придонесуваат единствено во нивните локални заедници, но ако ги набљудуваме како целина, нема сомнеж дека ова е огромен чекор напред кон градењето цврсто и ефективно партнерство помеѓу општините и граѓанскиот сектор, насочено кон справување со предизвиците на луѓето со попреченост, социјално исклучените, малцинствата, невработените, младите“, рече Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП.

ReLOaD2 се спроведува во вкупно 50 општини во Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина. Согласно планираната стратегија, се очекува локалните граѓански организации да реализираат најмалку 300 проектни активности со директен бенефит за 40.000 жители.