Тим Европа: ЕИБ продолжува да инвестира во засилувањето на сигурноста на снабдувањето со енергија на Западен Балкан

  • Инвестицијата на ЕИБ, преку овој приоритетен проект за енергетска инфраструктура на ЕУ, ќе ја подобри енергетската сигурност преку диверзификација на изворите на снабдување со гас во Северна Македонија и Западен Балкан
  • Проектот ќе помогне да се интегрира Северна Македонија во идните големи проекти за гасна инфраструктура, што ќе придонесе за зголемена конкурентност на енергетскиот пазар во земјата, во корист на сите граѓани
  • Заемот од ЕИБ е надополнување на грантот од12,4 милиони евра од Инвестициската рамка за Западен Балкан

    Европската инвестициона банка (ЕИБ) продолжува да инвестира во енергетската сигурност на Западен Балкан со обезбедување наинвестициски заем од 28,9 милиони евра за изградбата на делницата во Северна Македонија на гасниот интерконектор помеѓу Северна Македонија и Грција.  Оваа инвестиција ќе придонесе за диверзификација на енергетските извори и сигурност на снабдувањето со енергија, обезбедувајќи социоекономски развој и интеграција во енергетскиот пазар во регионот и ЕУ. Заемот од ЕИБ е надополнување на грантот од 12,4 милиони евра од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) за техничка помош и имплементација на проектот.

    Проектот се однесува на изградбата на делница долга 68 km во Северна Македонија, почнувајќи од границата близу Гевгелија и завршувајќи близу градот Неготино. Класифициран е како Проект од заеднички интерес од страна на Енергетската заедница, и е меѓу носечките инвестиции наведени во Економскиот и инвестициски план кој ќе го обезбеди снабдувањето со енергија на регионот за иднината. Проектот исто така има корист од техничка помош финансирана од ЕУ, со цела да се развие клучната транспортна и енергетска мрежа во Западен Балкан.

     Лилјана Павлова, потпретседателката на ЕИБ, одговорна за Западен Балкан, изјави: „Како банка на ЕУ и дел од Тим Европа, ЕИБ со задоволство го поддржува овој приоритетен проект на ЕУ, дел од Економскиот и инвестицискиот план и клучен за националната енергетска стратегија на Северна Македонија. Тој исто така е поврзан со претходната посветеност на Банката на подобрување на енергетската структура во Западен Балкан со намалување на зависноста од еден извор на снабдување со гас. Ќе отвори пристап до различни извори, ќе го осигури снабдувањето во случај на недостиг и ќе ја зголеми конкурентноста на пазарот преку поврзување со сè подиверзифицираниот пазар на природен гас во Грција. Бидејќи е приоритетен проект за Европската унија и иницијативата Енергетска поврзаност на Централна и Југоисточна Европа (CESEC), ќе му помогне на регионот постепено да ја намалува употребата на јаглен, додека притоа се зголемува поврзаноста и се создаваат услови за заеднички регионален пазар и привлекување нови инвестиции.“

    Министерот за финансии на Северна Македонија, Фатмир Бесими, изјави: „Гасниот интерконектор Грција – Северна Македонија, Делот од проектот во Северна Македонија е меѓу најприоритетните проекти за двете земји, регионите, како и за Енергетската заедница, со поддршка од сите релевантни европски институции. Имплементацијата на овој Проект ќе обезбеди стабилност во снабдувањето со енергија, пред сè во областа на индустријата, и така ќе придонесе за економски раст на сите региони во Република Северна Македонија. Проектот „Гасен интерконектор Грција – Северна Македонија, Дел во Северна Македонија“ е од стратешко значење за Република Северна Македонија. Имплементацијата на проектот ќе придонесе за обезбедување забрзан и одржлив економски раст, повисок животен стандард и подобар квалитет на живот на граѓаните.“ Бесими притоа изрази благодарност за континуираната поддршка што ЕИБ ја дава за Северна Македонија. 

    Извршниот директор на АД НЕР Скопје, Бајрам Реџепи, изјави: „ Потпишувањето на договорот и партнерството со ЕИБ за изградба на интерконекторот за природен гас со ДЕСФА, е од огромно значење за развојот на енергетскиот сектор на Република Северна Македoнија, но и за целиот регион. Овој проект ќе ни овозможи да ги диверзифицираме и стабилизираме нашите извори  на снабдување и ќе ни овозможува да имаме пристап до поконкурентен пазар на природен гас. Ние правиме максимални напори да изградиме колку што е можно повеќе мостови и да урнеме колку што е можно повеќе бариери.“

    Г-дин ХУДОЛИН, раководител на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ рече: „Гасниот интерконектор меѓу Северна Македонија и Грција е важен проект, и политички и економски. Со инвестирање над 2 милиони евра во подготовка на проекти и 12.425 милиони евра во изградба на приклучната линија, Европската комисија покажува дека останува посветена на спроведувањето на Економскиот инвестициски план. Инвестирањето во клучната инфраструктура е услов за раст и одржлив развој на земјата. Инвестирањето во природен гас во Северна Македонија треба да се гледа како преодна мерка за да се овозможи постепено преминување кон обновливи, зелени и чисти извори на енергија, подобрување на животната средина и обезбедување енергетска сигурност на долг рок.

    Од почетокот на пандемијата во 2020 година, ЕИБ има инвестирано 144 милиони евра во Северна Македонија под иницијативата Тим Европа за побрзо закрепнување на малите и средни претпријатија и развој на клучната инфраструктура.