05.02.2022.

ПРОМОВИРАНА ДОНАЦИЈАТА ОД БУГАРИЈА Електронски дневник за лицата со дијабетес

Бугарскиот премиер Петков рече дека дијабетесот е многу блиска тема до неговото срце, бидејќи неговата втора ќерка има дијабетес тип 1 и разликата меѓу еден квалитетен живот без проблеми и проблеми со оваа болест е што шеќерот во крвта се следи на правилен начин.

Проектот за помош во развојот „Електронски дневник за лица со дијабетес”, денеска бугарскиот премиер Кирил Петков, кој е во посета на државава, му го врачи на премиерот Димитар Ковачевски како донација на Република Бугарија.

Врз основа на проектот е изработена апликацијата дДневник, која како што истакна генералниот менаџер на Скеил фокус Дооел, Софче Јовановска ќе им го олесни животот на болните од дијабетес, а на лекарите ќе им овозможи да имаат детален увид во анализите на измерените вредности на пациентите.

– Тимот на Скеил фокус за време на реализацијата на проектот ја развиваше оваа апликација консулирајќи се со лекари, субспецијалисти, но и со Здружението на болните од дијабетес. Оваа апликација овозможува пациентите да ги запишуваат измерените вредности на своите мобилни телефони во многу едноставна мобилна апликација без тоа да го прават на хартија, како што го правеле досега. Апликацијата овозможува добиените анализи за одреден временски период да бидат споределени со лекарите, матичните лекари, ендокринолозите, меѓутоа и со блиски членови на семејствата кои се гржат на здравјето на овие пациенти. Апликацијата со различни бои ги означува различните вредности на измерената вредност на шеќерот во крв. Доколку станува збор за ризична вредност означена со црвено автоматски апликацијата праќа нотификација со лекарите или до членовите на семејствата дека има некоја сериозна вредност за што може веднаш да се реагира – рече Јовановска.

Дополнително, посочи таа, пациентот си поставува нотификации каде и кога ќе може и кога треба да го измери нивото на шеќер на крвта.

– Дополнителна вредност на оваа апликација е што овозможува споделување. Пациентот кога ќе оди кај својот матичен лекар да дозволи тој да ја види анализата на податоците за одреден временски период. Лекарот ги гледа податоците и врз основа на направените анализи и мерења да можат да ја консултира, предвиди или да ја оцени терапијата или другите услови кои влијаат на нивото на шеќерот. Исто така лекарите можат во два периоди во текот на денот во 11 и во 18 часот да добиваат нотификации за одредена група пациенти. Доколку станува збор за некоја екстремна вредност надвор од овие временски периоди лекарот или членот на семејството добива нотификација и може веднаш да реагира за да се спаси нечиј живот. При изработка на оваа апликација ги користевме сите најнови технолошки достигнувања за да ја запазиме сигурноста на податоците – додаде Јовановска.

Бугарскиот премиер Петков рече дека дијабетесот е многу блиска тема до неговото срце, бидејќи неговата втора ќерка има дијабетес тип 1 и разликата меѓу еден квалитетен живот без проблеми и проблеми со оваа болест е што шеќерот во крвта се следи на правилен начин.

– Со ваков тип иновации како оваа луѓето кои имаат дијабетес може да имаат нормален живот. Се радувам што тој тип соработка меѓу компаниите кои се иновативни може да покаже дека соработката меѓу Северна Македонија и Бугарија може да направи конкуретни производи со кои ќе ги заземаме светските пазари – додаде Петков.

На промовирањето на проектот присуствуваше и министерот за здравство Беким Сали.

Пред промовирањето на проектот, како што соопшти Министерството за здравство, се разговарало за важноста на реализација на проектите за подобрување на состојбата и во областа на здравството.