11.12.2021.

Милевски: Успешниот прекуграничен проект I-TOUR поврза 400.000 граѓани од Пелагонија, Лерин и Солун

Тековните трендови во туризмот бараат автентично искуство кое оди подалеку од една граница и една земја. Подобрување на севкупниот развој на прекуграничните региони Пелагонија, Лерин и Солун преку засилено и одржливо искористување на нивните туристички потенцијали е проектот „Зголемување на туристичките можности преку искористување на веќе постоечките ресурси – I-TOUR”. Проект имплементиран во рамките на Interreg IPA-CBC програмата за прекугранична соработка со Грција а финансиски поддржан од Европската унија и Министерство за локална самоуправа. I-TOUR за првпат ги мапираше сите туристички потенцијали, а бенефитот го имаат најмалку 400.000 граѓани во Пелагонија, Лерин и Солунскиот регион, од кои најмалку 30.000 живеат во рурални средини.
– Важно е да се истакне дека македонските градови особено Битола и Пелагонискиот регион имаат потенцијал за туризам кој треба да се искористи во интерес на граѓаните. Навистина овој проект е за добробит на овој регион, затоа што во туристичкиот сектор, корисниците на проектот вклучија најмалку 100 даватели на услуги, 10 тур-оператори, 15 единици на локална самоуправа, 50 граѓански организации, 3 институции за зачувување на културата и 5 заштитени подрачја.  Преку овој проект за прекугранична соработка на Грција и Северна Македонија во периодот од 2014-2020 подржан од ЕУ се зајакна територијалната кохезија преку подобрување на животниот стандард и можностите за вработување на локалното население, имајќи почит кон животната средина, и преку користење на природните ресурси за надградба на туристичкиот производ. Прекуграничната авантуристича понуда  веќе допринесува до 65% од туристичкиот буџет во локалната економија. Вкупниот буџет на Програмата за периодот 2014-2020 година е 45.470,066,00 евра, истакна министерот за локална самоуправа Горан Милевски на завршната конференција на проектот.

Тој додаде дека нам како држава преку Министерството за локална самоуправа освен со Грција и со другите земји преку кои се реализираат прекугранични програми како што се Албанија во кои сме лидер земја а сме партнер земја со Бугарија, Србија, Косово, од особена важност се проектите за туризмот за да може да се развива истиот преку нови иновациски решенија и лесно достапни за туристите од регионот и од Европа.

I-TOUR ги мапира сите туристички потенцијали и промовира прекугранични туристички производи во Северна Македонија и Грција, преку три производи за прекуграничен авантуристички туризам. Прекуграничните региони Пелагонија, Лерин и Солун имаат изобилство на природни, антрополошки и културни добра, кои остануваат релативно непознати за домашните и странските туристи.

– Со туристичкиот производ кој го промовираме за прв пат во нашиот регион го посетија 17 европски тур-оператори од земји како Германија, Австрија, Велика Британија, Шпанија, Италија, Белгија, Полска, Чешка, Малта и останати. Претставниците на странските држави и тур оператори имаа можност да се запознаат со убавините кои што ги нудиме, a воедно да дадат и свој придонес во развивањето на туристичките продукти и да предложат нивно адаптирање согласно потребите на нивните клиенти. Сите тие го изразија својот оптимизам околу идна соработка и организирање на посети од страна на странски туристи што всушност е и основната цел на овој проект- зголемувањето на вработеноста во туризмот, истакна Гого Видимче, директор на Центарот за развој на Пелагониски плански регион.

Тој додаде дека проектот придонесе за подобрување на севкупниот развој на прекуграничните региони Пелагонија – Лерин – Солун со акцентирано и одржливо искористување на туристичкиот потенцијал, со надеж дека вакви активности ќе продолжат и во иднина. Само на тој начин дојдовниот и алтернативниот туризам ќе го заземат приматот кој што го заслужуваат, а со тоа цело скриено богатство кое што го имаме ќе стигне до очите на Европа и светот.