19.02.2022.

Македонија ќе добие помош за обновлива енергија од ОН и ЕБОР

Инструментот за зелено финансирање од  Македонија е избран меѓу десет најдобри финансиски инструменти во светот и ќе добие средства од заедничкиот фонд за Целите за одржлив развој. Оваа програма ќе  обезбеди пристап до поевтино финансирање за мали и средни претпријатија, како и за физички лица и домаќинства (вклучително и кредитоспособни лица од недоволно опфатени социјални групи) за инвестиции во обновливи извори на енергија и во решенија за енергетска ефикасност. Со овие инвестиции  директно ќе се придонесе за намалување на стакленичките гасови, загадувањето на воздухот и за зајакнување на локалните еко-системи за зелени фондови за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.

Со обезбедените 7.9 милиони долари од  заедничкиот фонд за ЦОР започнува воспоставувањето на програмата со вкупна вредност од 46.5 милиони долари, вклучувајќи го и очекуваното кофинансирање од повеќе партнери (кое е во фаза на финално одобрување). За да и помогнат на земјата во борбата против загадувањето на воздухот и климатските промени, покрај три организации на Обединетите нации  и Владата, во програмата ќе се вклучи и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), како и повеќето приватни банки во земјата.

Зелената транзицијата преку зголемено производство на енергија од обновливи извори  и воведување на енергетска ефикасност во згради и домови е една од клучните стратешки цели на Владата.

„Инструментот за зелено финансирање (GFF) е иднината на финансискиот и економскиот развој во насока на обезбедување на зелена транзиција од скромна кон модерна, ефикасна и конкурентна економија. Нашата Влада веќе има преземено чекори кон отворање нови алтернативи за економијата, каде и граѓаните и бизнисите ќе имаат можности да обезбедат „зелен“ и одржлив начин на живеење и водење бизнис”, порача вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Со воведување на овој инструмент се очекува да се постигнат  заштеди во висина од 70.068 мегават-часови на годишно ниво, избегнување на 80.510 тони CO2- емисии, како и 10.7 мегавати во нов производствен капацитет од обновливи извори на енергетика. 

Забрзувањето на зелената енергетска транзиција во секоја земја претпоставува значителни финансиски вложувања, што може да се обезбедат само ако се обединат средствата од јавниот, приватниот и меѓународниот сектор, со цел пристап за бизнисите и домаќинствата кон поевтино финансирање за овој вид инвестиции.

„Поддршката на зелената транзиција е еден од главните приоритети на ЕБОР во Северна Македонија. Во изминатите години ја зајакнавме нашата поддршка преку промовирање на инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, како и олеснување на декарбонизацијата на енергетскиот сектор во земјата, директно и преку нашите партнерски финансиски институции. Овие инструменти беа многу успешни и создадоа голема побарувачка за зелени продукти”, рече Анди Аранитаси, директор на канцеларијата на ЕБОР во Северна Македонија.

Новиот Инструмент за зелено финансирање се очекува да се воспостави во текот на летото, а се очекува дека ќе биде целосно оперативен до крајот на годината.

Заедничкиот фонд за Целите за одржлив развој е повеќепартнерски заеднички фонд основан од Генералното собрание на Обединетите нации.