23.12.2021.

Заокружена финансиската конструкција за автопатот Демир Капија – Смоквица

Одборот директори на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и одобри на Македонија заем од 107 милиони евра за изградба на автопатската делница Демир Капија-Смоквица од Кориодорот 10, во должина од 28,2 километри, објави денеска на прес-конференција во Владата вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во присуство на владиниот тим економски министри.

 

Со обезбедувањето на заемот од ЕБОР, истакна Ставрески, целосно се заокружува финансиската конструкција во износ од 270 милиони евра за изградба на автопатското решение на потегот Демир Капија – Смоквица, единствена делница што не е на ниво на автопат од делот од Коридорот 10 што поминува низ Македонија. Претходно 130 милиони евра кредит се обезбедни од Европската инвестициска банка, 45 милиони евра како грант од ЕУ, а шест милиони евра обебзедува Македонија.

 

ЕБОР, наведе Ставрески, го доделува заемот под исклучително поволни услови, односно 15 години рок на отплата со вклучен грејс период од три години и варијабилна каматна стапка која моментно изнесува 2, 59 проценти.

 

Според вицепремиерот Ставрески, од заемот од 107 милиони евра 90 милиони евра се за изградба на нова модерна автопатска делница, а 17 милиони евра за воспоставување електронски систем за наплата на патарина на постојните наплатни станици и изградба и опремување на четири нови на Коридорот 10.

 

Прашан зошто изградбата на автопатот не е со буџетски пари туку со задолжување Ставрески рече дека Владата гради во многу сегменти и оти настојува сите расположиви средства на државата и поволните кредитни линии да ги искористи најбрзо што е можно за промени на работите во државата, преку изградба на различни објекти. Притоа, рече тој, ја задржуваме вкупната макроекономска стабилна рамка, остануваме во зоната на ниско ниво на задолженост, низок буџетски дефицит, а тоа се параметри на здрава фискална и инвестициска политика.

 

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески најави распишување на тендерот за избор на компаниите за изградба на автопатот на крајот на овој или на почетокот на следниот месец, а склучување договор со консултант и со идниот изведувач на работите кон крајот на годината. Очекува градежните активности да траат околу пет шест години.

 

– На 17 март беше објавен тендер за надзор на градежните работи во износ од 13 милиони евра од страна на Европската комисија. Веќе се работи на последните забелешки од Европската комисија на целокупната тендерска документација, кои се во финална фаза и очекувам месецов или на почетокот на мај да се објави тендерот, рече Јанкиески.

 

На новинарско прашање за легалноста на тендерската постапка во пердизборен период, вицепремиерот Ставрески рече дека Владата е во консултации со надлежните институции околу тоа прашање, а според нивните укажувања сите проекти кои се поврзани со ИПА апликациите и средствата со оглед дека се претходно планирани и се работат со делегацијата на ЕК може да се реализираат бидејќи биле веќе предвидени.

 

Вкупната ширина на автопатот ќе биде 25,6 метри, односно ќе има две ленти од по 3,5 метри за секој правец и лента за застанување со ширина од два метри, како и зелен појас од три метри и останати дополнителни елементи на трупот на патот. Предвидено е новата делница да содржи две клучки, кај селата Миравци и Смоквица, два тунела со должина од околу 1.200 метри, шест мостови со дијапазон на должини од 100 до 500 метри, шест потпатници и два натпатника.

 

Новата автопатска делница ќе почнува веднаш по Демир Капија со цел да се спои со веќе постоечкиот автопат, продолжува десно од реката Вардар и оди во близина на селото Миравци, а завршува кај селото Смоквица каде ќе се спои со постоечкиот автопат накај Гевгелија.

 

Двосмерниот, веќе постоечкиот пат ќе остане недопрен и ќе служи како алтернатива на новоизградениот автопат на кој не се наплаќа патарина. Проектираната брзина се планира да изнесува 110 километри на час.

 

Во текот на проектирањето, тврди Јанакиески, се земени предвид европските стандарди за безбедност на автопатиштата, а во основниот и изведбен проекет се вклучени европските стандарди за заштита на животната средина. За безбеден премин на животнискиот свет се предводени околу 200 премини, а планирано е и пошумување на 130 хектари.

 

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски оцени дека ефектите од изградбата на автопатот ќе бидат доста значителни за целата економија. Тоа, како што рече, ќе биде изразено во градежниот сектор, каде се очекува многу работа за градежните компании, но уште повеќе во трговијата со оглед дека долж Коридорот 10 се одвива 70 проценти од вредноста на увозно извозната трговија на Македонија.

 

– Завршувањето и комплетирањето на Коридорот ќе значи скратување на времето за патување и за транспортните компаниите од Македонија, но и за оние кои транзитираат низ Македонија да им се скрати времето за патување и да им се направи трошокот за транспорт низ овој Коридор помал, рече Пешевски и додаде дека комплетирањето на Коридорот 10 во иднина ќе има големо значење бидејќи ќе се скрати времето на патување во просек за две недели на стока од Далечниот Исток до Западна Европа.

 

Според Пешевски, тоа ќе значи поттик и за компаниите кои се занимаваат со логистика, сектор кој Владата планира во иднина да го стимулира.(МИА)