УНДП и Германската амбасада донираа компјутерска опрема во МВР за поефикасна контрола на малото и лесно оружје

Скопје, 26 август, 2021 – Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и постојаната претставничка на УНДП Нарине Сахакјан денеска ја промовираа новата компјутерска опрема која ќе овозможи поефикасно следење и контрола на малото и лесно оружје во државата. Опремата се состои од 74 компјутери, 52 принтери и 50 скенери, кои ќе бидат распоредени во Секторите за внатрешни работи и полициските станици, со цел непречено и поефикасно функционирање на информацискиот систем на МВР. Донацијата се реализира како дел од проектот „Подобрување на националните пракси за контрола на мало и лесно оружје и градење на отпорни заедници“, кој УНДП го имплементира со поддршка на Германската амбасада во Скопје.

„Ова е исклучително значаен проект во рамките на ‘Патоказот за контрола на мало и лесно оружје’, чиј потписник е и нашата држава. Имплементацијата на проектот ќе му овозможи на МВР побрзо и попрецизно да собира и анализира податоци за малото и лесно оружје во државата. На тој начин, нашата борба против овој вид криминал ќе биде поефикасна и веруваме дека ќе придонесе за зголемување на нивото на безбедност на граѓаните. Новиот полициски информациски систем во првата година ќе го користат околу 3.500 полициски службеници на различни нивоа што ќе придонесе за побрза размена на информации меѓу секторите, а со тоа и за поодлучна и посеопфатна борба против нелегалната трговија со оружје“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и изрази искрена благодарност до канцеларијата на УНДП и до Амбасадата на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија, кои препознавајќи ги напорите за модернизација на полицијата, дадоа безрезервна поддршка во имплементацијата на активностите преку кои се зајакнуваат капацитетите на МВР.

Ова е втора донација на ИТ опрема во рамките на проектот откако во октомври 2020 година беа испорачани 53 компјутери, 16 принтери, 10 скенери и 25 специјални принтери за дозволи за оружје. Покрај донацијата на опрема, во тек е развој на соодветениот софтвер за следење и контрола на малото и лесно оружје. Дополнително, во текот на септември ќе се одржат обуки за 250 вработени во МВР кои во пракса ќе работат во овој безбедносен сегмент.

„Главната цел е да се намали злоупотребата на малото и лесно оружје како една од најчестите причини за вооружените инциденти во државата. Донацијата на оваа опрема е само еден сегмент од целокупниот проект, кој ќе го надгради информацискиот систем на МВР, а преку развој и имплементација на Полициски информациски систем ќе обезбеди дигитализација и унапредување на оперативните процеси и ќе ја забрза институционалната размена на информации. Полицијата добива нова и ефикасна алатка во борбата против нелегалната трговија и незаконското поседување мало и лесно оружје, во насока на заложбите за унапредување на безбедноста во државата“, изјави Нарине Сахакјан, постојана претставничка на УНДП.

УНДП го реализира овој проект како дел од регионалната иницијатива „Патоказ за контрола на мало и лесно оружје“ чија основна цел е да се воспостави систем на контрола на малото и лесно оружје во земјите од Западен Балкан, согласно европските и меѓународните стандарди.