15.12.2021.

Северна Македонија стана асоцијативна членка на Хоризонт Европа – нови можности за истражувачи и за млади

На 6 декември 2021 година, Северна Македонија и Европската комисија потпишаа договор за поблиска соработка во сферата на истражувањата и иновациите. Договорот и’ додели на земјата асоцијативен статус во „Хоризонт Европа“, европска програма за истражувања и иновации чиј буџет за периодот 2021-2027 година изнесува 95,5 милијарди евра. Истражувачите, иноваторите и истажувачките центри основани во земјата сега може да учествуваат под исти услови како и оние од земјите-членки на ЕУ.

Со асоцијативен статус се стекнаа и Босна и Херцеговина, Косово, Србија, Црна Гора, како и Грузија и Израел. Освен Косово, кој сега стана дел од програмата, партнерите од Западен Балкан беа асоцијативни членки и на претходната програма на ЕУ за истражувања и иновации - Хоризонт 2020.

„Хоризонт Европа“ го поддржува „Глобалниот пристап кон истражувањата и иновациите“ и ја потврдува определбата на Европа за научен напредок и иновативност. Програмата има за цел и да промовира реформа на образовните системи во регионот, да создава дополнителни можности за младите и да помогне во спречувањето на одлевањето на мозоци.

„Пристапувањето кон Хоризонт Европа е од заемна корист – и за ЕУ и за нашите партнери. Тоа овозможува потесна соработка во зајакнувањето на нашата зелена и дигитална агенда, привлекување инвестиции во областа на истражувањата и иновациите, како и создавање нови работни места и развој“, изјави Марија Габриел, комесарка за иновации, истражувања, култура, образование и млади.