23.08.2021.

Осум општини од Северна Македонија избрани за финансирање од ЕУ за развој на партнерства со граѓанското општество

Општините Битола, Гевгелија, Гостивар, Кочани, Крива Паланка, Куманово, Охрид и Велес се избрани да учествуваат во втората фаза од Регионалната програма финансирана од ЕУ за локална демократија на Западен Балкан (ReLOaD2) во Северна Македонија.

Избраните општини ќе бидат примарните приматели на финансиска помош и техничка поддршка за овој проект. Проектот има за цел да ги зајакне капацитетите на општините и граѓанските организации (ГО) да се вклучат во продуктивни партнерства и да придонесат за подобра испорака на услуги и имплементација на локалните приоритети во согласност со стратегиите за развој на општината. На општините ќе им се помогне во воведувањето и институционализацијата на транспарентни механизми за финансирање на ГО од општинските буџети, што ќе обезбеди зголемено граѓанско учество во процесите на донесување одлуки и обезбедување јавни услуги.

 

Проектниот тим ReLOaD2 ќе работи со локалните службеници во имплементација на активности како што се обука за градење капацитети за да се обезбеди целосна транспарентност во идното финансирање на граѓанското општество од локалните буџети. Проектот, исто така, ќе промовира вклучување на младите и ќе ја поддржи имплементацијата на младинските иницијативи за подобрување на локалните економски перспективи.

Проектот ReLOaD2 е финансиран од Европската унија и имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации.