12.06.2023.

МОН и ОБСЕ доделија грантови на училишта за спроведување на заеднички наставни и воннаставни активности на ученици со различно етничко потекло

Четиринаесет училишта добија грантови за спроведување на заеднички наставни и воннаставни активности на ученици од различно етничко потекло, кои следат настава на различни наставни јазици. Целта на активностите е јакнење на соработката и довербата помеѓу младите, а финансиските средства за нивна реализација се обезбедени преку  проектот „Градиме нови мостови“ кој беше најавен на почетокот на годинава од страна на Министерството за образование и наука и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

 

Грантовите ги доделија министерот за образование и наука, Јетон Шаќири и амбасадорот на ОБСЕ, Килијан Вал кои испратија заедничка порака дека само со унапредување на односите помеѓу младите,  поттикнување на нивната меѓусебна почит и разбирање, може долгорочно да се обезбеди мирот во општеството, кој е значаен фактор за севкупниот негов просперитет.

„Училиштата се всушност местата каде младите се развиваат како личности, созреваат учејќи за хуманоста, моралот и етиката и ги разбиваат митовите за повеќе стереотипи кои, некако со години се провлекуваа во општеството и се пренесуваа на нови генерации, а дел од нив, за жал, сè уште и во денешно време се предизвикувачки. Но работиме на искоренувањето и оваа активност е токму во таа насока, да ги стимулира училиштата да ги зближуваат учениците кои говорат на различни јазици, припаѓаат на различни етнички или верски заедници“, рече Шаќири.

 

Тој додаде дека е импресиониран од портфолиото на активности кои одбраните училишта ги предложиле и преку кои, како што рече, гледа волја, креативност и конкретна заложба за унапредување на односите меѓу новите генерации. Шаќири се заблагодари на поддршката од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, која потенцираше, под раководство на амбасадорот Вал добива нов импулс, особено во насока на градење на мирна, безбедна и хармонична средина во училиштата.

„Овие училишта нема да бидат единствени, затоа што проектот е подолгорочен и во иднина ќе се објавуваат и нови повици за поддршка на активностите за поврзување и градење на довербата меѓу младите. Впрочем тоа и ни преостанува, да го поттикнуваме единството во државата, доминацијата да ја замениме со соработка и рамноправност, а личната среќа да ја поврзуваме со среќата на другите и благосостојбата на општеството во целина“, додаде Шаќири.