Царовска: Со опремување на 260 кабинети по природни науки и нови наставни програми кај учениците ја развиваме љубовта кон природата и свесноста за важноста на животната средина

Учениците од ОУ „Мирче Ацев“ во Ѓорче Петров учат за воздухот, почвата, растенијата и за заштита на животната средина во целосно нов кабинет по природни науки, кој е еден од 260 кабинети,  опремени со средства од МОН, но и по целосно нови програми, со кои се развива свесноста за важноста на животната средни и љубовта кон природните науки.

Министерката за образование и наука Мила Царовска, заедно со министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини,  амбасадорката на САД,  Кејт Брнз и градоначалникот Александар Стојковски, денеска го посетија  ОУ „Мирче Ацев“ во Ѓорче Петров кое е едно од училиштата каде со вложувања од државата се подобрени условите за настава, но и е вклучено во програмата ГЛОБЕ која се реализира во партнерство со Еко-Свест и амбасадата на САД.

Свеста за грижа кон опкружувањето започнува од  воспитувањето внатре во семејството, но грижата за животната средина треба да се учи и системски во образованието, затоа што така најдобро се поттикнуваат цели генерации на одговорност кон животната средина и нејзината заштита. Во таа насока се новите наставни програми, кои покрај редовната настава, предвидуваат и воннаставни активности за подигнување на свеста кај младите за овие важни прашања, се со цел оваа планета да стане подобро место за живеење. Секако, во прилог ни се и сите проекти со кои ја зголемуваме свесноста за суштински важни теми, меѓу кои е и заштитата на животната средина.

Училиштето „Мирче Ацев“ во Ѓорче Петров е едно од 27. основни и средни училишта од државата што добија соодветна техничка опрема, а наставниците имаа практична обука и стекнаа вештини за испитување и мерење на квалитетот на атмосферскиот воздух, водите и почвата, преку програмата ГЛОБЕ, реализирана со поддршка на САД и Еко-свест.