30.10.2024.

ПроКредит Банка обезбеди дополнителни 60 милиони евра финансиска поддршка за македонските мали и средни претпријатија во соработка со ЕИФ

ПроКредит Банка го објави своето партнерство со ЕИФ за новозапочнатата иницијатива насочена кон зајакнување на растот и одржливоста на малите и средни претпријатија.

Преку гарантната шема за развој и иновации во Западен Балкан (Western Balkan (WB) Enterprise Development and Innovation Facility (EDIF) Guarantee4 SME Resilience Guarantee Programme), ПроКредит Банка во соработка со Европскиот инвестициски фонд поддржува инвестиции на мали и средни претпријатија за набавка на основни и обртни средства и документарни производи.

На овој начин ПроКредит Банка нуди засилена финансиска поддршка специјално прилагодена за потребите на локалните бизниси кои се развиваат.

„Силно веруваме во потенцијалот на нашите мали и средни бизниси и токму затоа остануваме посветени да им служиме како катализатор за развој. Преку стратешки партнерства и иновативни решенија, ќе продолжиме да ги зајакнуваме овие бизниси, поттикнувајќи одржлив раст и издржливост на промените во регионот“ - велат од ПроКредит Банка.

Малите и средните претпријатија сега ќе имаат зголемен пристап до финансии, што ќе им овозможи да набавуваат основни и обртни средства, документарни производи, па дури и да рефинансираат постојни заеми. Со зголемениот пристап до финансии ќе се зголеми конкурентноста на бизнисите, иновациите, растот на бизнисите и отварањето нови работни места.

Бизнисите коишто ги исполнуваат условите можат да обезбедат заеми до 500.000 евра по повластени каматни стапки и без или со пониско обезбедување. Со период за отплата од минимум 12 месеци до максимум 30 јуни 2035 година и со можност за грејс период до 12 месеци, од ПроКредит Банка велат дека бизнисите ќе имаат доволно време ефикасно да управуваат со своите финансии.

Без разлика дали отплатата ќе се врши преку фиксен план за отплата со рати или револвинг кредитен производ, ПроКредит Банка нуди можности прилагодени на уникатните барања на секое мало и средно претпријатие.

Дополнителна поволност при користењето на средствата од оваа гарантна шема е и потребното обезбедување, кое е пониско во однос на стандардните барања, при што постои можност и за обезбедување во форма на нотарски акт на меница. Со ова се олеснува пристапот до финансирање за малите и средни претпријатија, и се овозможува поголема флексибилност во процесот на задолжување.

Финансиските средства се наменети да го зголемат пристапот до финансии кај малите бизниси и да ја подобрат нивната отпорност на постојаните економски предизвици, истовремено создавајќи услови за проширување на бизнисот, вработување и иновации.

Преку гарантната шема за развој и иновации во Западен Балкан, ПроКредит Банка Македонија ќе овозможи поддршка од 60 милиони евра за мали и средни претпријатија. Со овие средства се очекува да се поддржат околу 800 мали бизниси и со тоа да се одржат околу 10.000 работни места.