29.06.2025.

Проектот за Ветерен Парк Богданци во вредност од 37,6 милиони евра влегува во финална фаза на реализација, потврдувајќи ја Националната енергетска стратегија

АД ЕСМ (Електрани на Северна Македонија) и Siemens Gamesa Renewable Energy (SGRE) денес потпишаа клучни договори за реализација на проектот Ветерен Парк Богданци – втора фаза. Ова стратешко партнерство ќе го зголеми капацитетот на обновлива енергија и ќе ја зајакне енергетската независност на државата. Проширувањето на ветерниот парк претставува значајна инвестиција во енергетската инфраструктура на обновливи извори во Македонија. Договорите беа потпишани од страна на Лазо Узунчев, генерален директор на АД ЕСМ, и Стјепан Черкез од виенската канцеларија на SGRE.

Вкупната финансиска рамка изнесува 37,6 милиони евра. Оваа сума е обезбедена преку комбинација од поволен заем од KfW Развојна банка (25,7 милиони евра), грант од ЕУ преку Инвестицискиот Рамковен Фонд за Западен Балкан (WBIF) (приближно 8,9 милиони евра) и сопствени средства на АД ЕСМ во износ од 3 милиони евра. Ова е доказ дека Германија и Европската Унија се долгорочни стратешки партнери на Македонија на патот кон климатска неутралност и енергетска трансформација.

Втората фаза предвидува изградба на четири ветерни турбини, секоја со капацитет од 3,4 MW. Ова проширување значително ќе ја намали зависноста од увоз на електрична енергија и ќе ја зајакне стабилноста на енергетскиот систем на државата. Оваа инвестиција ќе го зголеми инсталираниот капацитет на ветерниот парк за дополнителни 15 MW, со очекувано годишно производство од 46 GWh електрична енергија – што е доволно за задоволување на потребите на околу 6.000 домаќинства. Вкупно, над 22.000 домаќинства ќе добијат посигурно и одржливо снабдување со електрична енергија.

АД ЕСМ изразува огромна благодарност до македонската Влада и до своите стратешки партнери – KfW и Инвестицискиот Рамковен Фонд за Западен Балкан (WBIF) на Европската Унија. Како заедничка иницијатива на Европската Комисија, различни донатори и меѓународни финансиски институции, WBIF игра клучна улога и обезбедува извонредна поддршка на развојните проекти на компанијата, особено во унапредување на обновливите извори на енергија.

Проектот ја потврдува посветеноста на државата кон диверзификација на енергетските извори, намалување на емисиите на стакленички гасови и промовирање на одржлив развој.

Изјави од настанот:

Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини

„Овој проект претставува моќен симбол за тоа што можеме да постигнеме преку стратешко партнерство, доверба и заедничка визија за позелена и поотпорна иднина. Тој ја зајакнува нашата национална посветеност кон забрзување на енергетската транзиција, зголемување на капацитетите за обновлива енергија и зајакнување на енергетската независност на нашата земја. Посебна благодарност упатувам до АД ЕСМ за нивното лидерство и посветеност во унапредувањето на овој проект, како и до нашите колеги од Секретаријатот за европски прашања, WBIF и консултантскиот конзорциум за нивната постојана поддршка.“

Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија

„Германија, ЕУ и Северна Македонија се обединети за одржлива и јаглеродно-неутрална енергетска иднина: проширувањето на ветерниот парк Богданци во соработка помеѓу германската развојна банка КфВ, ЕУ ВБИФ и ЕСМ е уште една илустрација на нашето континуирано силно партнерство. Енергијата од ветер се издвојува како една од најчистите енергетски извори поради нејзината нула-емисиона работа и исклучително нискиот јаглероден отпечаток низ целиот животен циклус“

Штефен Худолин, раководител на секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија

 „Европската Унија со својата финансиска и институционална поддршка ги претвора денешните енергетски предизвици во идни пробиви на чиста енергија. Инвестицијата на ВБИФ во фазата 2 на ветерниот парк Богданци, со грант од 9 милиони евра, е доказ за долгорочната заложба и партнерство, како со КфВ така и со Владата, поддржувајќи ја Северна Македонија во забрзувањето на нејзината зелена енергетска транзиција. Ова е модел на успешно партнерство во рамки на Зелениот договор, а проширувањето претставува значаен чекор на патот на Северна Македонија кон декарбонизација на енергијата и регионална климатска отпорност.“

 

Лазо Узунчев, генерален директор на АД ЕСМ

„Во согласност со утврдената временска рамка на проектот, подготвителните теренски активности и изградбата на потребната инфраструктура за прием, монтажа и приклучување на ветерните турбини кон електроенергетската мрежа ќе започнат ова лето. Овој процес треба да биде завршен за 13 месеци, по што ќе започне завршната фаза на монтажа на ветерните турбини, која се очекува да заврши во текот на летото 2027 година.“

Пабло Обрадор, раководител на Енергетскиот оддел при КфВ

„Енергијата од ветер е незаменлива во современиот енергетски микс. Таа нуди пат кон почист воздух, намалени емисии на стакленички гасови, енергетска независност, економски раст и долгорочна одржливост. Од 2014 година, ветерниот парк Богданци стана пример дека енергијата од ветер може да игра многу важна улога во напорите за зелена транзиција и јаглеродна неутралност“.

„Изразуваме искрена благодарност до Владата на Република Северна Македонија, АД ЕСМ и КФВ за укажаната доверба.  Ми претставува особена чест дека, по успешно реализираната прва фаза од проектот за Ветерниот парк Богданци, со еднаква посветеност и успех ќе ја завршиме и втората фаза.“