20.03.2026.

Народната банка дел од третата фаза од програмата на ЕУ за јакнење на капацитетите на централните банки од Западен Балкан

Народната банка учествува во третата фаза од програмата финансирана од Европската Унија „Програма за јакнење на капацитетите на централните банки во Западен Балкан“, која има цел да ја поддржи подготовката на централните банки и супервизорските институции од регионот за интеграција во Европскиот систем на централни банки.

Програмата заеднички ја спроведуваат централната банка на Германија, 19 национални централни банки од Европскиот систем на централни банки и Европската централна банка, со финансиска поддршка од Европската Комисија. За реализација на активностите, Европската Унија обезбеди средства во износ од 3 милиони евра преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА III).

Покрај Народната банка, корисници на програмата се и централните банки и супервизорските тела од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија.

Целта на програмата е дополнително зајакнување на институционалните капацитети на институциите-кориснички, преку унапредување на аналитичките алатки и носењето политики, како и преку примена на најдобрите меѓународни и европски стандарди во националната практика. Програмата става акцент на постигнување одржливи резултати и на продлабочување на соработката меѓу централните банки во рамките на Европскиот систем на централни банки.

Во следните 36 месеци ќе се реализира интензивна регионална програма за обука, насочена кон клучни прашања од областа на централното банкарство и банкарската супервизија. Тематскиот фокус ќе биде ставен на најновите развојни трендови, вклучително и спречување перење пари и финансирање тероризам, управување со кибер-ризици, анализа и управување со податоци, дигитална трансформација, иновации и примена на вештачка интелигенција во централното банкарство. Дополнително, ќе се организираат состаноци на високо ниво за актуелни теми, како што се независноста на централните банки и новите развојни текови во платните системи.

Почетниот настан за новата фаза од програмата се одржа денеска во Банка на Италија, во присуство на заменик-гувернерката Кјара Скоти. Во име на Европската комисија присуствуваше Џулио Венери, заменик-раководител на Одделението за стратегија и координација за проширување во рамки на Генералниот директорат за проширување и источно соседство. Од Централната банка на Германија, во својство на носител на проектот, истакнаа дека Програмата ја поддржува подготовката на централните банки од Западен Балкан за интеграција во Европскиот систем на централни банки, нагласувајќи ја важноста од постигнување одржливи резултати и од градење цврсти институционални партнерства.

Со учеството во оваа програма, Народната банка продолжува со активностите насочени кон усогласување со европските стандарди и практики, како и кон натамошно зајакнување на институционалните капацитети во процесот на европска интеграција.