25.12.2025.

Маратонскиот пат кон ЕУ ја храни руската пропаганда во Македонија Соња Крамарска

Маратонскиот пат кон ЕУ и замаглената перспектива поради неодлучноста на бриселската бирократија оставија простор за руски влијанија и во Македонија.

Помина долго време откако поранешниот премиер Димитар Ковачевски изнервиран од критиките за францускиот предлог и бараните уставни измени извика дека „руските ботови и платени политичари и аналитичари“ шират лаги и хистерија дека со нив ќе се случи бугаризација и асимилација. „Тие тоа мора да го зборуваат заради финансиски средства“, рече тој.

Оваа негова изјава наиде на жестоки реакции, но во основа повторно ги разгоре лицитациите за магнитудата на руското мешање на патот на Македонија кон Европската Унија. Маратонскиот пат кон ЕУ и замаглената перспектива поради неодлучноста на бриселската бирократија и блокадите од билатерални спорови, според аналитичарите, оставија простор за руски влијанија и ги потхранија мечтите на некои домашни групи дека просперитетот на Македонија може да се оствари и преку блискост и соработка со браќата Руси.

Но, Македонија уште на стартот од осамостојувањето декларираше спротивна политика од таа што ја посакува Русија. Се определи за НАТО и ЕУ – двете најмоќни светски организации, кои не му се по волја на Кремљ.

Од друга страна, дел од овдешното население растеше со задолжителната руска литература во образованието и приказните за екскурзиите на нивните родители, баби и дедовци во Русија и раскошните крзнени бунди и руски часовници, купени во бутиците на Москва и на Ленинград.

Тоа малку ја комплицира приказната.

Денес, кога регионот на Западен Балкан е од витално значење за ЕУ и САД, се покажа дека Русија и натаму има цел да влијае врз политиката на идентитет, религиозните врски и економските интереси во регионот, користејќи различни средства за проектирање на мека моќ, вклучувајќи ги медиумите, православната црква, бизнисите, моторџиските групи кои ги има и во Скопје и други. Некогашниот американски државен секретар Џон Кери своевремено даде изјава на таа тема велејќи дека Македонија заедно со Србија, Косово, Црна Гора, Молдавија и Грузија се на линија на огнот, односно се цел на руско влијание.

Проруските наративи се засилуваат

Во меѓувреме Македонија стана и членка на НАТО како Северна Македонија, а руското мешање се чини дека продолжи, иако со променлив интензитет.

Анализата на Институтот за комуникациски студии на тема „Руско мешање и манипулација со информации во Северна Македонија: Искористување на ранливост преку билатерални спорови“ открива дека Северна Македонија и понатаму е цел на координирани активности од руска страна. Се посочува и дека извештајот на фондацијата „Метаморфозис“ за странско манипулирање и мешање со информации во Македонија предупредува на континуираното засилување на проруски наративи во земјава преку различни канали.

Истата студија посочува и дека референдумот за Преспанскиот договор во 2018 година бил клучна точка на жариште и дека излезноста била намерно потисната со дезинформациски кампањи. „Тогашниот министер за одбрана на САД Џејмс Матис директно предупреди дека Русија финансира и шири лажни наративи за да ја намали излезноста и да го охрабри бојкотот“, се наведува во анализата.

Од 2018 година досега поминаа седум години – период во кој се случија силни политички и безбедносни турбуленции на светската сцена во кои главниот актер беше Русија. Нападот врз Украина ја измести рамнотежата меѓу светските сили и ја стави Русија на мапата на агресори, а политиката на претседателот Путин стана најголема закана за мирот. Македонија застана на страната на Украина, со што стана непријателска земја на Русија. Но се чини дека тоа не го намали интересот на Русија за остварување влијание врз земја членка на НАТО како што е Македонија.

Италијанскиот институт за меѓународни политички студии (ISPI) неодамна предупреди дека дури и со намалени политички и економски ресурси од 2022 година, Русија продолжува да спроведува стратегија за нарушување на Западен Балкан, поддржувајќи ги локалните актери и наративи што ја поттикнуваат нестабилноста.

Српски проруски телевизии во македонскиот етер

Прв пример за тоа се социјалните мрежи кои вријат од коментари во корист на Русија. „Огромен дел од народот е со Русија, а Владата зема пари од ЕУ и прави што ќе ѝ се каже“ – ова е само еден од многуте коментари на социјалните мрежи од граѓанин на Северна Македонија за политиката на актуелната власт во земјава. Во коментарите претежно се слави воената моќ на Русија и стравот на НАТО, ЕУ и САД дека Путин нема да застане само на агресија врз Украина туку ќе ги прошири воените дејствија и над земјите во соседството.

Интересен момент е притоа што има силна спротивставеност меѓу официјалната политика на нашата земја која е прозападна, додека значаен дел од симпатизерите на владејачката десница на социјалните мрежи шират приказни за оправданоста на руската агресија врз Украина и за наводниот фашистички режим предводен од Зеленски. Официјално Скопје, и со сегашната и со претходната влада, во знак на поддршка на Киев се приклучи кон политиката на ЕУ и на САД, усогласувајќи ја целосно својата надворешна политика со Унијата и со санкциите кои ѝ беа изречени на Русија. Притоа се случи и протерувањето на членови на амбасадата. Како последица на тоа Русија ја прогласи Македонија за непријателска држава заедно со уште дваесетина други земји.

Но официјалната осуда за Русија од македонска страна како да не важи и за македонскиот етер низ кој се шират руски наративи преку присуството на неколку српски телевизии со отворена проруска ориентација. Овие телевизии секоја вечер канат проруски воени аналитичари за да го анализираат успешното напредување на руските сили на фронтот во Украина, целосно прифаќајќи ги лагите на Кремљ дека Русија ослободува окупирани територии.

Истовремено, по неколкупати во денот, секој ден се прикажуваат руски серии – сапуници во кои се рекламира голем технолошки напредок на Русија во сите сфери и се прикажува Русија како земја на модерни, богати и среќни луѓе.

ЕУ веќе ги забрани руските медиуми како Гласот на Европа, РИА Новости, Известија и Росијскаја Газета, оценувајќи ги како инструменти за дисторзија на фактите за рускиот напад врз Украина. Во Македонија, иако формално нема проруски традиционални медиуми, онлајн сферата дава пристап до медиуми кои не се пренесуваат во нашиот етер, а може да се следат преку интернет.

Организацијата „Репортери без граници“ пред една година публикуваше сторија насловена „Од Русија до Србија: Како ‘Русија Денес’ ја шири пропагандата на Кремљ на Балканот и покрај санкциите од ЕУ“. Во сторијата се наведува дека благодарение на контролата на српската влада врз медиумите и поволната политичка средина, RT – порано Russia Today – ја користи својата канцеларија во Белград за да ги адаптира наративите на Кремљ пред да ги шири низ Југоисточна Европа. Притоа „Репортери без граници“ ја повика Европската Унија и нејзините земји членки да ја повикаат Србија на одговорност затоа што е домаќин на фабриката за лаги на Владимир Путин.

Реакција на шефот на дипломатијата

Оттука не треба да нѐ изненади ни изјавата – предупредување на шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски, дадена во разговор за Еуроњуз, за растечкото руско влијание на Западен Балкан доколку ЕУ брзо и јасно не се посвети на проширувањето. „Има малигни актери кои сакаат да покажат со прст и да кажат: дали навистина верувате дека ЕУ е чесна во својата намера за проширување? Погледнете што им прават на Македонците“, рече Муцунски.

Како потврда на изјавата на министерот, и медиумите во Македонија анализираа дека неодамнешните локални избори открија знаци на руско влијание преку реториката и активностите на одредени политичари. „Иако сите тие имаат маргинална поддршка, тоа покажува дека Москва има идеолошки и политички застапници на македонската локална сцена и сигнализира обид за менување на политичкиот наратив, особено во однос на евроатлантските интеграции“, се вели во извештаите. Притоа како пример се наведува отворено проруската партија „Единствена Македонија“, која јавно се залага за продлабочување на врските со Русија и вртење грб на ЕУ и САД.

Македонија има инаку вицепремиер од Демократската партија на Србите, кој е познат по блиските односи со Москва и по учество на руски безбедносни форуми, каде што ја афирмира својата заложба за продлабочување на билатералната соработка. Тој не крие и дека е личен пријател со миленикот на Москва, Милорад Додик. Инаку, во анализата што деновиве ја објави италијанскиот Институт за меѓународни политички студии, посветена на руското мешање во Западен Балкан, е објавено дека Додик од 2022 досега деветпати се сретнал со Путин на негов терен. А имаме и парламентарна партија чиј лидер присуствуваше на Воената парада во Москва за да го прослави Денот на победата над фашизмот на покана на претседателот на Комунистичката партија на Руската Федерација (КПРФ), Генадиј Зјуганов.

Ако се погледнат наодите и на студијата на граѓанската aсоцијација МОСТ за руската пропаганда, влијание и дезинформации, може да се дојде до заклучок дека руското влијание во Македонија се врши и преку промовирањето на словенско-православното братство и користењето на црквата.

МОСТ анализираше четири илјади новинарски статии и десет илјади статуси на Фејсбук, при што забележаа масовно цитирање и присуство на претставници на Кремљ во онлајн просторот во Македонија, користење на медиумите под контрола на руската држава како извори во статиите, проруски пораки од политичари во регионот, кои се исто така и руски сојузници, како и повеќе случаи на координирано масовно ширење на содржините на Фејсбук преку добро воспоставена и координирана руска инфраструктура.

Со оглед на тоа дека Фејсбук не ги проверува содржините кои ги објавува, за разлика од потрадиционалните медиуми, оваа социјална мрежа и натаму останува плодна почва за ширење на руската пропаганда.