УНИЦЕФ донира нова испорака со опрема за лична заштита од КОВИД-19

Во донацијата со опрема за лична заштита, во вредност од 340.000 долари, има над 260.000 хируршки маски за една употреба и околу 209.000 висококвалитетни калјачи

Скопје, 26 ноември 2021 - УНИЦЕФ испорача нова количина опрема за лична заштита во вредност од 340.000 долари, која се донира во институциите од областа на здравствената грижа, образованието и детската заштита во Северна Македонија. Донацијата потекнува од Глобалното седиште на УНИЦЕФ за снабдување и логистика.

„ Мора да продолжиме да се фокусираме на заштита на оние кои се во првите борбени редови, бидејќи токму тие се грижат за сите нас и целосно ги посветија своето време и енергија за да спaсуваат животи, да го чуваат нашето здравје, да ги задржат нашите деца во училиште и да овозможат нашето општество да продолжи да функционира. Ја заслужуваат наша целосна поддршка и благодарност. Во оваа прилика би сакал да се заблагодарам на сите наши партнери, како што е УНИЦЕФ, кои ни помогнаа да ја обезбедиме оваа дополнителна поддршка, и очекувам оваа соработка да продолжи и во иднина,“ изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство. 

Во донацијата со опрема за лична заштита, во вредност од 340.000 долари, има над 260.000 хируршки маски за една употреба и околу 209.000 висококвалитетни калјачи.  Донацијата за Министерството за здравство главно ќе се употреби како дополнување на залихите што им се на располагање на институциите за здравствена грижа во целата земја.  Дел од донацијата ќе им биде на располагање и на образовните установи и на установите за заштита на децата.

„Со пандемијата на коронавирусот живееме повеќе од 18 месеци и научивме дека КОВИД-19 не е само здравствена криза, туку и криза на информирање и криза на правичност, која имаше социо-економски последици по семејствата и децата,“ изјави Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ. „Овозможувањето пристап до суштинските услуги во здравството, образованието и детската заштита мора и понатаму да биде приоритет за да се намали ризикот пандемијата да остави трајни последици по животите на децата. Донацијата е  дополнување на постоечките количини за работниците во првите борбени редови да можат да продолжат да им ја обезбедуваат најквалитетната нега на семејствата и децата“. 

Од почетокот на пандемијата на Ковид-19, УНИЦЕФ го поддржува Министерството за здравство во справувањето со КОВИД-19 со цел да ги амортизира ефектите од пандемијата  врз децата и семејствата. Освен што го поддржува зајакнувањето на здравствениот систем, во рамките на редовната соработка со Министерството за здравство, УНИЦЕФ има донирано респиратори за здравствените установи во вредност од над 215.000 долари и дополнителни количини опрема за лична заштита и тестови за САРС-Ков-2. Го поддржавме воспоставувањето здравствено советување преку телефон за патронажни сестри и телефон за помош на бремени жени и мајки на новороденчиња; дистрибуиравме хигиенски пакети во најранливите заедници; помогнавме во развојот на стратегијата и материјалите за комуникација на ризик; ја поддржавме психосоцијалната поддршка за децата и семејствата и активности да се зголеми стапката на имунизација.  

Преку заедничко партнерство со Министерството за здравство, меѓу другото, УНИЦЕФ ќе продолжи да ги поддржува заложбите семејствата да ги добиваат потребните информации за вакцините против КОВИД-19 од сигурни извори за да ја добијат најдобрата заштита; ќе одговориме на прашањата поврзани со менталното здравје и благосостојбата на здравствените работници за да можат и понатаму да ги одржуваат основните услуги и да ги поддржуваат семејствата, ќе работиме на подобрување на санитарните услови, пристапот до вода и одржување на хигиена, како и на заложбите за спречување на инфекции и на подобрување на капацитетите за контрола на инфекции во земјата - особено во училиштата за и понатаму да бидат безбедни и отворени.

УНИЦЕФ има седумдесет и пет годишно искуство во одговор на кризни ситуации и во обезбедување неопходна помош кога е најпотребна, со глобална мрежа од над 1000 снабдувачи на медицинска опрема, најголемиот хуманитарен склад на светот, силни глобални и локални партнерства и поддржувачи.