Унапреден локален развој во 24 општини преку програмата „Зајакнување на општинските совети“
Посилни и поавтономни општински совети, иновативни технологии за поголема транспарентност и отчетност на општините и зголемено граѓанско учество во носењето одлуки на локално ниво се клучните резултати од првата фаза на програмата „Зајакнување на општинските совети“. Станува збор за програма на Швајцарската агенција за развој и соработка, која во изминатите пет години се спроведе во 24 општини во државата. Како дел од првата компонента на програмата, повеќе од 420 општински советници минаа низ над 100 обуки кои им помогнаа да ги подобрат своите знаења и вештини за 11 области во надлежност на локалната самоуправа. Истовремено, сите 1.347 советници во државата добија можност за дигитално вмрежување, учење од далечина и сертифицирање преку наменска веб платформа изработена во рамки на програмата.
„Би сакал да ја зголемиме ефективноста и автономноста на општинските совети за поуспешно извршување на нашите задачи и улоги. Затоа, треба да развиеме нови вештини, да ги унапредиме нашите знаења од областа на локалната самоуправа, да разменуваме искуства сè со цел поефективно претставување на граѓанските приоритети и надзор на работата на општините. Вакви проекти и настани се прилики за размена на искуства, знаења и презентирање, а понатаму и решавање на предизвиците согласно општествените прилики“, рече Трајко Славески, Претседател на Комитетот на совети при ЗЕЛС.
„Главната придобивка на програмата „Зајакнување на општинските совети“ е што помогна да се подобри квалитетот на живот на граѓаните во 24-те партнерски општини, но во исто време воспостави алатки и пракси кои го зајакнуваат капацитетот и на советниците и на општинската администрација, и го охрабруваат учеството на граѓаните преку Форумите на заедницата. Проектот дополнително финансираше мали проекти произлезени како резултат на граѓанското учество, меѓу кои и снабдување со противпожарни возила. Со ова се трасира патот кон изградба на транспарентни, отчетни и автономни локални самоуправи кои на прво место ќе ги имаат потребите и интересите на граѓаните. Швајцарија останува посветен поддржувач на доброто владеење на локално и национално ниво во Република Северна Македонија“, изјави Вероник Улман, Амбасадорка на Швајцарија во Северна Македонија.
„Програмата „Зајакнување на општинските совети“ во изминатите пет години докажа дека со правилен пристап, едукација и иновативни техологии може да се поттикнеи забрза локалниот развој и да се постават нови стандарди во практикувањето на политиката во локалните самоуправи. Имплементацијата на проектот ја потврди нашата визија дека локалниот развој е интегрален и клучен сегмент од вкупниот напредок на државата и на најдиректен начин придонесува за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните“, истакна Сања Бојаниќ, заменичка на постојаниот претставник на УНДП.
Програмата „Зајакнување на општинските совети“ се реализираше со вкупен буџет од 3,5 милиони швајцарски франци, а ја спроведе Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Министерството за финансии, ЗЕЛС, Здружението на финансиски работници и Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women).