04.08.2021.

Со помош на Кралството Норвешка зголемен капацитетот на македонското јавно здравство

Јавното здравство во Северна Македонија од денеска на располагање има дополнителни 100 респиратори, донација од Директоратот за здравство на Кралството Норвешка.

Министрите Шекеринска и Филипче на денешното примопредавање на донацијата му се заблагодарија на одбранбеното аташе на Кралството Норвешка, потполковникот Егил Далтвеит за исклучителното залагање и за брзата и ефикасна организација на донацијата.

„Епидемијата стана прашање на опстанок, егзистенцијална тема која што ги обедини државите во светот, прво во трката по соодветни лекови, потоа во трката по вакцини и во таа трка сме посилни и посигурни затоа што можеме да сметаме на помошта на нашите сојузници, на нашите браќа и сестри. Она што го прави Норвешка во последнава година покажува колку тоа сојузништво може да ни биде корисно“, рече министерката. Таа ја потенцираше улогата на норвешкото аташе Далтвеит во посредувањето за помошта и изрази благодарност за неговите залагања.

Шекеринска порача дека сета досегашна поддршка – медицинската помош, брзите тестови и, денеска, 100 респиратори, нема да биде заборавена и дека таа се должи на неколкумина исклучително посветени луѓе кои го засилија пријателството помеѓу народите и државите. Додаде дека помеѓу двете земји има искрен интерес за дополнително засилување на одбранбената соработка.

„Со мојот колега, норвешкиот министер за одбрана овој понеделник разговаравме дека искуствата ни се одлични од нашата соработка со сегашната мисија во Кабул и дека сакаме да планираме идно заедничко учество во други НАТО операции, а се надевам и дека шансата за многу квалитетна обука која што му беше дадена на нашиот медицински тим во Норвешка ќе биде шанса која што ќе ја добијат и некои други наши доктори и медицински лица во јавното здравство кои што ќе бидат дел од нашите идни НАТО капацитети за воено медицинска помош“, рече министерката.

Министерот Филипче порача дека овие респиратори се здравствен капацитет кој ќе има поширока примена и ќе се користи по завршувањето на оваа криза.

„Ова се респиратори кои што и после завршувањето на оваа криза, може да бидат составен дел од опремата на одделенијата за интензивна нега, обичните болнички одделенија сега скоро сите, а тоа се над 800 снабдени со централен довод на кислород“, рече Филипче.

Министерот додаде дека „овој чин на помош е уште еден доказ дека партнерствата вредат и се познаваат тогаш кога е најпотребно“

„Ова не е прва помош ниту од Норвешка, ниту пак од системот на НАТО земјите, ниту, пак, од земји членки на ЕУ, ниту од САД – сите донираа многу за време на кризата, од самиот почеток и тоа беше еден од клучните фактори благодарение на кои се менаџираше кризата во изминатиот период, но и сè уште. Оваа помош е трета по ред од Норвешка, беше донарана лична заштитна опрема, имаше брзи тестови-антигенски за детектирање на вирусот и сега оваа многу за нас значајна помош која што сериозно ќе го зголеми квалитетот на здравствена услуга“, истакна министерот.

Потполкиовникот Далтевеит изјави дека донацијата на респираторите во вредност од 600 000 евра е организирана за само неколку дена. Помеѓу вооружените сили на Северна Македонија и на Кралството Норвешка има одлична соработка, која уште повеќе се интензивираше од членството во НАТО – порача Далтвеит.

Норвешка има блиска соработка со вашата земја уште од нејзината независност. Но, кога пред една година станавте наш сојузник во НАТО, нашите земји се зближија повеќе од кога и да е порано. Повеќето луѓе секогаш ќе му помогнат на пријателот ако можат, но прво ќе му помогнат на сопствениот брат. Сега вие сте наши браќа. Вие имавте доверба во Норвешка да командува со вашите мажи и жени кои сега служат рамо до рамо со нашите мажи и жени во Авганистан. Во НАТО избравте да ветите дека доколку некој нè нападне, ќе помогнете во нашата одбрана, како што и ние ќе помогнеме во вашата одбрана“, рече тој.

Далтвеит потенцираше дека Норвешка како сојузник сака да помогне да се спасат животите на заболените од ковид, чија загуба по смртта на нашиот дипломат а негов пријател Драган Тодоровски, кој има голема заслуга за блиските односи меѓу двете земји, ја доживеал и лично.

Респираторите за итни случаи ќе бидат вклучени за транспорт на пацинети, но и во ковид центрите низ целата држава. Овие респиратори на почетокот од светската пандемија се конструирани на иницијатива на Норвешкиот институт за истражување во одбраната, а производител на респираторите е „Лаердал“ и „Серви груп“, водечки светски производител на хидраулика и пневматика за медицинска опрема. Процесот на потпишување и организација на донацијата беше предводен од одбранбеното аташе на Кралство Норвешка, потполковник Егил Далтвеит.