Отворен првиот Ресурсен центар за повратници и други маргинализирани групи во Шуто Оризари

Денеска во Општина Шуто Оризари, во присуство на градоначалникот на Шуто Оризари – Курто Дудуш, заменичката на постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Ана Чернишова, како и пред претставникот на Делегацијата на Европската Унија беше отворен првиот Ресурсен центар за повратници и други маргинализирани групи.
Центарот се формира со цел обезбедување услуги и сервиси на локално ниво за поефикасна реинтеграција на повратниците во матични земји, фокусирајќи се на неколку клучни сегменти: социјална заштита, вработување, образование, здравствени услуги, правни совети и друго. Се предвидува дека годишно, новиот центар ќе опслужува околу 1000 повратници и други ранливи категории на лица.
Центарот е лоциран во општинската зграда во Шуто Оризари, изграден како посебен модерен и современ, енергетски ефикасен објект на површина од 310 м2 наменети за потребите на центарот, но и на општината, невладиниот сектор и граѓаните.
„Шуто Оризари е првата општина во државата во којашто се воведува овој модел на поддршка на повратниците и другите ранливи категории преку информирање, директни контакти и асистирање на лицата активно да се вклучат во социо-економските процеси во државата. Се надеваме дека примерот на нашата општина ќе може да се реплицира и во други општини при што повратниците и другите ранливи групи ќе ја добијат соодветната поддршка за поквалитетен живот во матичната земја.“ – потенцираше градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш.
Градоначалникот на Шуто Оризари изрази надеж дека наредната година на Денот на Ромите, 8 Април ќе биде поставен камен-темелник на првиот ромски културен центар.
„Изминатите години на 8 Април пуштавме во употреба повеќе завршени улици, минатата година го кренавме ромското знаме на јарбол во новоизградениот плоштад во општина Шуто Оризари, оваа година го пуштаме во употреба општинскиот ресурсен центар за повратници и лица во ризик, догодина на 8 Април се надеваме дека ќе го ставиме камен темелникот на првиот ромски културен центар во нашата општина и во државата, и со тоа ќе ја заокружиме и потребата од зачувување на ромското културното наследство“, порача градоначалникот Дудуш.
Ресурсниот центар, во надлежност на Општината, блиску ќе соработува со сите ресорни министерства, владини тела и агенции, како и со општинските организации и невладиниот сектор.
Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Ана Чернишова, ја потенцираше потребата од соработка со локалната власт.
„Програмата за развој на Обединетите Нации во партнерство со Општина Шуто Оризари веќе подолго работи во обезбедување соодветни механизми за Ромите и другите ранливи групи граѓани со цел обезбедување услови на еднакви можности за сите“, нагласи Чернишова.
Формирањето и изградбата на Ресурсен центар за повратници се кофинансирани од Општина Шуто Оризари и Европската Унија, а реализирано од Програмата за развој на Обединетите нации.
Се очекува да започне со официјална работа следниот месец