Истражување: Над 70 проценти од граѓаните поддржуваат членство во ЕУ, благ пораст и на евроскептицизмот
Скопје – Вкупно 71 отсто од населението поддржуваат членство во ЕУ, што е за речиси десет проценти повеќе во споредба со претходната година, покажуваат резултатите од истражувањето „Анализа на јавното мислење за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија (2014 – 2025)“ на Институтот за демократија – „Социетас цивилис“ – Скопје, презентирано денеска во Собранието.
Клучните наоди од истражувањето покажуваат дека евроскептичните ставови се во благ пораст – од 11 на 14 проценти од населениетo пројавуваат евроскептицизам, додека бројот на неопределени и апатични испитаници значително се намалил изминатата година.
Долготрајната разлика во поддршката за членство во ЕУ меѓу двете најголеми етнички групи – етничките Македонци и етничките Албанци – е намалена. Вкупно 71 отсто од етничките Македонци ја поддржуваат кандидатурата на државата за членство во ЕУ, што претставува зголемување од 15 отсто во споредба со претходната година.
Кај етничките Албанци, пак, континуирано се изразува силна поддршка за аспирациите на земјата за членство во ЕУ. Оваа поддршка се задржува и во 2025 година, при што 76 отсто од испитаниците од оваа група се изјасниле позитивно. Сепак, овој процент е понизок за 8 отсто во споредба со претходната година.
Според истражувањето, 40 отсто од населението смета дека државата е подготвена да стане земја членка, а малку над 60 отсто од населението верува дека во изминатата година е остварен напредок во процесот на пристапување. Истражувањето покажува дека 46 отсто од населението смета дека опструкциите од соседните држави се најголемата пречка за напредокот на Северна Македонија кон членство во ЕУ.
Бројот на испитаници што веруваат дека државата ќе стане членка на ЕУ во наредните 3-5 години се зголемил и во 2025 година изнесува 30 проценти, а релативно висок дел од населението (19 отсто) останува песимистичен во однос на перспективите на Северна Македонија за членство во ЕУ.
Анамарија Велиновска, истражувач во Центарот за европски интеграции при ИДСЦС, истакна првиот дел од истражувањето покажува како граѓаните однатре гледаат на процесот и кои се нужните чекори.
– Она што го следиме веќе три години е дека поддршката за уставните измени останува на 24 отсто и тука постои очигледен јаз помеѓу етничките Македонци и етничките Албанци. Всушност, покажуваат дека 57 отсто од етничките Албанци се за уставни измени, а само 11 проценти од македонските испитаници се за уставни измени – рече Велиновска.
Марко Трошановски, претседател на ИЦДС, истакна дека првпат оваа година, по неколку години пад, поддршката за ЕУ бележи значителен пораст и надминува 70 отсто.
– Она што исто така е интересно е дека е намален бројот на оние граѓани што сметаат дека Македонија треба да седи настрана и ништо да не прави во однос на процесот на проширување. Од 2023 година, кога тој процент бил 29 отсто, сега е 21, односно осум процентни поени помалку граѓани сметаат дека Македонија не треба ништо да прави и да не биде активна во овој предизвик, туку дека нашата земја, држава и Влада треба да бидат многу поактивни во делот на евроинтеграциите – вели Трошановски.
Според него, она што е интересен податок е дека ЕУ продолжува и понатаму да се смета за најважен и највлијателен сојузник на земјата и во контекст на актуелните геополитички превирања очигледно е дека граѓаните се наклонуваат кон онаа алтернатива или опција во која гледаат најголема сигурност, безбедност и перспектива. (28 јануари 2026)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.