21.10.2021.

Бесими: 162 милиона евра од ММФ за поддршка на економијата значи доверба во политиките на оваа Влада

24 август 2021, Скопје – ММФ ѝ додели на РС Македонија 134,47 милиони специјални права на влечење или околу 162 милиона евра за буџетска поддршка. Средствата се веќе планирани во Буџетот за 2021 година за спроведување на мерките за справување со пандемијата и за поддршка на стопанството преку Развојната банка, со цел ублажување на ефектите на пандемијата и поддршка на домашната економија за нејзино побрзо заздравување. Ова го потенцираше министерот за финансии, Фатмир Бесими во изјава за телевизија „Сител“.

Ова, како што нагласи Бесими, се преговараше со ММФ подолго време, откако меѓународната финансиска институција го најави новиот пакет за поддршка на светско ниво.

„Со оглед на фактот дека овие средства се доделени за буџетска поддршка, ова значи дека тие имаат доверба во политиките и фискалната рамка што се во насока на поддршка на економијата, закрепнување на растот, но и фискална консолидација“, истакна министерот Бесими.

Средствата веќе се предвидени со ребалансот на Буџетот каде што, како што вели министерот, „има зголемување на делот за субвенции за поддршка на стопанството, за социјалните категории загрозени граѓани, меѓутоа и за зголемување на капиталните расходи во Буџетот, што всушност ќе значи поддршка и на делот што оди за здравството и за вакцини, и мерките за поддршка на економијата“.

Согласно процедурата, Министерството за финансии ќе изготви закон што ќе се достави до Владата и којшто треба да се изгласа во Собрание. Министерот за финансии очекува законот да се изгласа бидејќи средствата се веќе предвидени со ребалансот. Истото е значајно бидејќи се влеваат дополнителни средства во нашата економија што ќе помогнат за економското раздвижување, но и ќе обезбедат поддршка за ковид-мерките.